03.10.2012, 12:47 „Металците“ не го потценуваат Широки
МЗТ Скопје вечерва ја има премиерата пред своите навивачи во АБА-лигата
МАРИЈА КОВАЧЕВА
МЗТ Скопје не можеше многу да и' се израдува на историската победа во Загреб. Најискусниот играч Тодор Гечевски поради повреда на скочниот зглоб со која се здобил на дуелот против Цибона е неизвесен за вечерашната премиера во салата „Борис Трајковски“ против Широки закажана за 20,15 часот. Повредата на искусниот кошаркар претставува дополнителен проблем за тренерот на македонскиот шампион, Александар Тодоров, бидејќи веќе подолго време вториот центар Кирил Николовски е надвор од натпреварувачка форма. Во една ваква незгодна ситуација во која „металците“ дефинитивно имаат потреба од еден висок кошаркар, крајниот збор за тоа кој од нив двајца ќе му биде на располагање на Тодоров ќе го имаат лекарскиот тим.
„Гечевски се повреди во првата четвртина од мечот со Цибона, по што со болка настапи во второто полувреме. Тој во понеделникот тренираше, но по лекарски прегледи препораката е дека можеби ќе треба да одмора.
Изгледа ќе треба да избираме меѓу Николовски и Гечевски, еден од нив ќе мора да го пропушти денешниот дуел, кој од нив ќе добие шанса ќе решиме со клупскиот доктор Николиќ. Лично, повеќе би сакал да игра Гечевски бидејќи Николовски е повреден извесно време и не сакаме прерано да го вратиме во тимот, па повторно да го загубиме на подолг период“, изјави тренерот Александар Тодоров.
Според стратегот на македонскиот шампион, неговите момци нема да имаат ни малку лесна задача и покрај тоа што играат на домашен терен и зад себе го имаат големиот триумф во Загреб.
„Победата во Загреб треба да се заборави, еуфоријата мора да спласне бидејќи не' чека силен противник, кој на прв впечаток е неатрактивен, но кој е одличен и кој минатата година заврши на петтото место во АБА-лигата. Немаат звучни имиња, но како тим е одличен. Без разлика што било во Загреб, вечер треба да влеземе со голема мотивација и со подобар пристап дури и од мечот со Цибона. Ако успееме во тоа, сигурен сум дека ќе биде добро и дека ќе се радуваме на втората победа“, вели Тодоров.
Тактиката за Широки е подготвена, кошаркарите на МЗТ Скопје знаат од каде доаѓа опасноста и кого точно треба да затворат. „Кормиларот“ најави дека неговиот тим нема да го менува стилот на игра, поточно брза кошарка.
„Широки е екипа која игра одлична тимска кошарка каде што три поединци отскокнуваат од целата екипа, бекот Марко Шукало и двајцата високи играчи Жељко Шакиќ и Дарко Планиниќ. Тие се основната сила во нападот, а останатите играчи се нивна сервисна сила. Исто така играат добра одбрана со брза транзиција. И Широки во подготвителниот период ја победи Цибона, пред десетина дена, па јасно е дека овој тим заслужува целосен респект. Во нападот секогаш ќе играме максимално брзо бидејќи имаме играчи што можат да играат така, а сега, со доаѓањето на Борис Бакиќ, имаме и доволен фонд на играчи. Јас сум апсолутен противник на влечење по терен и на средби со мал број поени, и на секој противник што можеме да му дадеме 80 поени ќе пробаме да го сториме тоа“, заклучи Тодоров.
МЗТ Скопје ден пред првиот натпревар на домашен терен го промовираше и новото засилување, Црногорецот Бакиќ.
„Дојдов пред три дена, знам чиј дрес ќе носам, МЗТ е еден од најголемите тимови во Македонија и мене ми претставува задоволство што ќе бидам дел од овој клуб. Задоволен сум што ќе играм во АБА-лигата и верувам дека на вистински начин ќе го претставувам овој тим. Противникот Широки е доста незгоден, оваа година има малку послаб тим во однос на лани, но сигурно ќе даде се' од себе за да стигне до победата. Сепак, ние ќе дадеме се' од себе за да одиграме добар меч и предводени од верните навивачи да стигнеме до победата“, најавува Бакиќ.
И покрај тоа што Широки не е противник за потценување, сепак од МЗТ Скопје реално е вечерва да го очекуваме вториот триумф. Многубројната публика и домашниот терен треба да бидат доволни за нова радост.
|