03.10.2012, 13:24 Карабатиќ негира дека се обложил на мечот под истрага
Еден од најдобрите светски ракометари даде исказ пред судијата во Монпелје
Никола Карабатиќ, кој е под истрага за вмешаност во скандалот со лажирање натпревар, негира дека се обложил на ракометнииот меч што е во центарот на аферата. Против играчот на Монпелје и член на француската репрезентација што на Олимписките игри во Лондон го освои златниот медал завчера и формално беше поведена постапка два дена откако беше приведен по дербито од француската лига со Пари Сен Жермен.
„Ќе ви го прочитам исказот на Никола Карабатиќ пред судијата“, им се обрати на новинарите прексиноќа неговиот адвокат Ерик Дипон-Морети. „Оди вака: ’Ме прашувате дали се обложив? Не, не се обложив. Дали мојата девојка се обложи? Да, го стори тоа. Дали таа ми кажа за тоа? Да. Зошто се обложила? Таа го следи Монпелје веќе две години и ја познава француската лига‘“, ги пренесува зборовите на Никола Карабатиќ неговиот правен застапник.
Никола, заедно со неговиот брат Лука и со Самуел Онрубија, поранешен играч на Монпелје, беа меѓу 15-мина сослушани во Монпелје од судиите Томас Мајндл и Мари-Кристин Депла-Дидие. Онрубија, кој сега игра за ПСЖ, призна дека се обложува, но негира дека влијаел врз резултатот на мечот.
Обвинителот Брис Робин наведува дека вкупно 87.880 евра биле уплатени на облози за прволигашкиот дуел меѓу Монпелје и Сесон-Севињ во мај, што е 40 пати повеќе од вообичаената уплата за ваков натпревар. Никола Карабатиќ и Онрубија не играа на таа средба.
|