03.10.2012, 09:54 БАТЕ Борисов му одржа лекција на Баерн
Белорускиот првак, кој во квалификациите за Лигата на шампионите го елиминира Вардар, славеше со 3:1 против европскиот вицешампион
Ни најтемелниот фудбалски експерт немаше да предвиди дека по две кола од фазата по групи во Лигата на шампионите БАТЕ Борисов ќе биде една од екипите со максимален ефект и шест бода. Белоруската гордост го победи континенталниот вицепрвак Баерн Минхен, со 3:1, идентично како што „го среди“ и Лил пред француската публика, во првото коло. Тимот што остана во најквалитетното натпреварување во Европа на сметка на скопски Вардар, почна мудро и бестрашно против Баварците, најавувајќи го подвигот со голот на Павлов во 23. минута. Баерн напаѓаше, создаваше шанси, но резултатот изостана. БАТЕ имаше план и го спроведе максимално прецизно и во двете полувремиња. Во второто му нанесе втор удар на гигантот од Минхен, а Родионов се запиша како егзекутор, на 12 минути до крајот на мечот. На семафорот стоеше 2:0 и кога Македонската судиска екипа, предводена од Александар Ставрев покажа пет минути дополнување по основните 90, а токму тогаш мрежите повторно се затресоа. Рибери даде привидна надеж дека можеби Баерн ќе се спаси, но Бресан ги затвори сите прашања во 94. минута.
„Едноставно, фантастично! Ова е нашиот тимски дух. Работевме напорно за да го постигнеме ова. Емоциите се неизмерни, но далеку сум од еуфоричен. Ова е ЛШ и не треба да се занесуваме, не можеме да победиме на секој меч“, изјави Виктор Гончаренко, погоден од огромниот триумф. На прашањето која беше тајната да се направи и да се одржи овој успех, тој беше приземјен. „Не е точно дека можете на некој чудесен начин да ги инспирирате фудбалерите во соблекувалната, на полувреме. Се' што направивме беше мала промена во формацијата“, објасни Гончаренко.
На другата страна видна беше огорченоста.
„И пред мечот знаев дека не' очекува многу добра екипа и не го велам тоа само затоа што го победија Лил во првото коло. Во вакви натпревари морате први да поведете, а ние не ги искористиме нашите шанси. Нивен најдобар играч беше голманот, така што тоа кажува колкав притисок направивме пред нивниот гол. И среќата не не' послужи, Рибери ја погоди пречката... но мора да ја прифатиме нивната победа“, проговори баварскиот предводник, Јуп Хајнкес. БАТЕ води со шест бода во групата Ф, а првите три ги освои Валенсија со победата над Лил од 2:0 со двата гола на Хонас на Местаља. Три има и Баерн, а Французите останаа на нула.
Шахтјор замина горд од Торино
Јувентус остана без победа и по вториот натпревар. Италијанскиот шампион не можеше да го скрши украинскиот и одигра само 1:1. Шахтјор беше тој што напаѓаше повеќе и што отвори со водство, со голот на Алекс Тешеира, меѓутоа Бонучи бргу изедначи до крајот на првиот дел. „Бевме нервозни на почетокот и затоа примивме гол, но се созедовме и бргу одговоривме. Нашата игра не беше течна како вообичаено, но причина за тоа е можеби фактот што лани не игравме во Европа и не сме навикнати на толку исполнет распоред“, се обидуваше да се оправда тренерот на Јувентус, Масимо Карера. „Знаевме дека Јувентус игра многу директно и агресивно, така што нашата идеја беше да ги натераме да трчаат повеќе без топка. Ние го имавме поседот и направивме повеќе шанси. Се радувам и за резултатот и за нашата игра“, изјави победнички Мирчеа Луческу. Неговиот тим има четири бода, но не е прв во групата Е затоа што Челзи си ја поправи гол разликата со триумфот од 4:0 на гости кај Нордсјеланд. Два пати погоди Мата и по еднаш Рамирес и Давид Луиз за првата победа победа на сините со која избија на врвот во групата со четири бода. Јуве има два, Нордсјеланд нула.
Максимални шест бода покрај БАТЕ имаат и Барселона и Манчестер јунајтед. Санчез и Фабрегас ги искористија додавањата на Меси за да ја креираат победата на Барса од 2:0 против Бенфика. Во истата група Селтик го совлада Спартак Москва на гости со 3:2, со погодок на Самарас во 90. минута од мечот. Јунајтед води во Х-конкуренцијата откако Робин ван Перси погоди два пати за пресврт и победи со 2:1 кај Клуж. Брага го стиши Истанбул совладувајќи го Галатасарај со 2:0 за првите три бода, колку што има и Клуж на второто место.
Резултати од второто коло:
Група Е: Јувентус - Шахтјор 1:1, Нордсјеланд - Челзи 0:4.
Група Ф: Валенсија - Лил 2:0, БАТЕ - Баерн Минхен 3:1.
Група Г: Бенфика - Барселона 0:2, Спартак М. - Селтик 2:3.
Група Х: Клуж - Манчестер јунајтед 1:2, Галатасарај - Брага 0:2.
|