27.03.2012, 12:48 Денеска свечено ќе биде врачена наградата „Роман на годината“
Годинашен лауреат на престижната награда на „Утрински весник“ е Снежана Младеновска-Анѓелков
Во Културно-информативниот центар денеска (28.03) во 12:00 ќе се одржи пригодна свеченост на која Редакцијата на „Утрински весник“ ќе и' ја врачи наградата „Роман на годината“ на Снежана Младеновска-Анѓелков. Оваа престижна книжевна награда Младеновска-Ангелков ја доби за романот „Единаесет жени“ во издание на „Или-или“, во конкуренција од 31 роман што годинава пристигнаа во нашата Редакција.
За 13. издание на „Роман на годината“ оценуваше жири-комисијата во состав: Душко Родев - претседател, м-р Трајче Кацаров, Ирена Јорданова, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и Манчо Митевски - членови, кои „Единаесет жени“ го оценија како роман кој поставува нови параметри во раскажувачката техника и романсиерската тематика.
На денешниот свечен настан свое обраќање ќе има авторката на наградениот роман, Снежана Младеновска-Анѓелков, потоа Душко Родев - претседател на жирито и минатогоди��ен лауреат, Виктор Доневски - извршен директор на „Медија принт Македонија“, Соња Крамарска - главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, како и претставник на компанијата „Т-мобиле“, која е покровител на наградата. На свеченоста ќе присуствува и градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој следејќи ја традицијата, на добитничката на наградата ќе и' подари уметничка слика. Присутните ќе имаат можност да слушнат фрагменти од романот „Единаесет жени“, во интерпретација на актерката Билјана Беличанец. (Т.И.) |