28.03.2012, 15:39 Марко Коловски и Питер Шепард добитници на наградите на СОКОМ
Марко Коловски
Сојузот на композиторите на Македонија ги соопшти годинашните добитници на музичките награди што традиционално ги доделува во рамките на фестивалот „Денови на македонската музика“. Наградата „Панче Пешев“ која СОКОМ ја доделува за најдобро премиерно изведено или публикувано дело од македонски автор во претходната година, комисијата во состав: Живојин Глишиќ и Сони Петровски, композитори и Елени Новаковска, музиколог, ја додели на Марко Коловски за монографијата „Томислав Зографски - живот и дело“ - издадена во 2011 година од Музичкиот издавачки центар. Во образложението на жирито се вели дека монографијата е сеопфатно дело кое го покрива животот и творештвото на реномираниот македонски композитор и педагог Томислав Зографски.
Наградата „Георги Божиков“, пак, која СОКОМ ја доделува на ансамбли или музички уметници за најдобра изведба на дело од македонски автор во претходната година, комисијата во состав: Томе Манчев и Јана Андреевска, композитори и Марко Коловски, музиколог, ја ��одели на Питер Шепард Скарвед, виолинист од Велика Британија, за концертот одржан на „Денови на македонска музика“ минатата година.
Наградите на добитниците ќе им бидат врачени вечерва, пред Симфонискиот концерт на Македонската филхармонија. (Т.И.)
|