02.04.2012, 13:18 Модниот викенд стана модна недела
Во Скопје од денеска до 8 овој месец ќе се одржи петтата сезона на Моден викенд (FWSK) пролет/лето 2012
Во Скопје од денеска до 8 овој месец ќе се одржи петтата сезона на Моден викенд (FWSK) пролет/лето 2012.
Јавноста ќе има можност да ги проследи новите модни колекции и да види како македонските модни дизајнери обединуваат светски модни трендови, балканска автентичност и уметнички индивидуализам.
Покрај модните ревии и оваа година ќе бидат организирани повеќе екслузивни настани и проекти. Оваа сезона ќе бидат организирани два иновативни конкурси - „JazzиFashion“ во партнерство со Амбасадата на САД и Македонската Модна Формација, а со поддршка од Текстилната Асоцијација, и „Spark of Inspiration-Pelisterka bottle Fachion Design award“ во соработка со Пелистерка.
Организаторите најавија и две ревии од добротворен карактер. Првата ќе биде аукциска под наслов „Дизајнерите за здравјето на децата“ во организација на ММФ под покровителство на Министерството за здравство, на која ќе учествуваат истакнати македонски модни дизајнерi. Втората хуманитарна ревија е дел на проектот „Дизајнерите креираат за ТЕА Модерна“, со модели изработени од македонски креатори.
Со свои колекции пролет/лето 2012 ќе се претстават Никола Ефтимов, кој креира заедно со асистентката Александра Јовановска, „КокевиКадриу“, Росица Мршиќ, Елена Додевска, Мелани Димитровска, Гоца Каникова, VIBRAZIONI од Александра Митковска, Сара Сековска, Елена Спасовска, „DUMA“, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Олгица Ѓоргиева, Антонија Ристовска, студио Тресор, Лидија Георгиева, OVS, детскиот бренд Тilla, Fascino by Bargala, студенти од Европскиот Универзитет и модната дизајнерка од Франција Софи Пелерин. Од Србија ќе гостуваат Тијана и Мила Поповиќ.
Пролетните дефилеа се во Соравиjа центар и во салонот на Ауди, Порше Македонија.
Организаторот, Модна Недела Корпорација со која раководи Светлана Богова-Јовановска, најави и „Денови на модерните невести“ кој ќе се реализира во соработка со трговскиот центар Рамстор. Модните куќи и дизајнерите кои изработуваат венчаници и вечерни тоалети ќе ги презентираат своите модели на изложба со завршнa ревија на 10 април. Во овоj проект ќе учествуваат компании кои се занимаваат со организација на свадби, прослави и други свечени настани.
Во трговскиот центар „Соравија“ од 2 до 8 април ќе има привремен „шоу рум“ каде што секој ќе може да купи облека или накит со дизајнерски потпис од најновите колекции на околу 20 дизајнери.
Покрај облека од македонските дизајнери, ќе можат да се најдат парчиња и од брендот NULLA од Бугарија и ексклузивната марка за долна облека Yes Master од Лондон.
Во овој период во Соравија ќе има и изложба на модна фотографија насловена „Мода и природа“ на која ќе учествуваат фотографите Ани и Дими, Жарко Чулиќ и Билјана Ќосева.
Во соработка со Пакомак, Модниот Викенд ќе ја стави модата во функција на едукација за почиста животна средина, а сите промотивни материјали ќе бидат изработени од рециклирана хартија.
Покровители на манифестацијата се Град Скопје, општина Центар Скопје и Амбасадата на САД во Република Македонија. |