28.03.2012, 13:04 Џејн Фонда ќе ја глуми Ненси Реган
Оскаровската е во преговори да ја игра улогата на сопругата на поранешниот претседател на САД, Роналд Реган
Оскаровската Џејн Фонда е во преговори да ја игра улогата на Ненси Реган, сопругата на поранешниот претседател на САД, Роналд Реган, во филмот на Ли Даниелс, пренесуваат денеска светските медиуми.
Филмот ќе зборува за батлерот на Белата Куќа, Јуџин Ален, кој работеше за осум претседатели на САД, пренесува сајтот „Варајети“.
Фонда (74) е позната по својот политички активизам и ставови кои се спротивни од оние на Реган, кој беше претседател на САД од 1981 до 1989 година.
Актерот Форес Витакер наводно е во преговори за улогата на Ален, додека познатата водителка Опра Винфри е во преговори за улогата на неговата сопруга.
Линдон Џонсон и Ричард Никсон најверојатно ќе ги играат Лиам Нисон и Џон Кјузак, а продуцентите се надеваат дека снимањето ќе почне ова лето.
|