20.01.2012, 17:50 „Метрудхем“ сам ќе си избира локација за Топилница!
За да ја изработи студијата за влијание врз животната средина, на компанијата и' треба и алтернативна локација
Сања Наумовска
Нема договор за нова локација на Топилницата, но постапката за рестартирање си продолжува. Иако најавија преговори на кои ќе се бара решение за да не се повтори еколошката катастрофа на Велес, и од Владата и од „Метрудхем“ досега само молчат. Компанијата деновиве ќе почне и да изработува Студија за оцена на влијанието врз животната средина, но не се знае за која локација ќе се однесуваат условите во неа. Ако наскоро нема средба, за да ја изработи Студијата, „Метрудхем“ веројатно ќе треба сам да си избере локација. Во спротивно, документот нема да му биде целосен, коментираат експерти. Ова однесување на институциите, според нив, е несериозно и неприфатливо.
„Не може да се остави една компанија самата да си бира алтернативна локација каде што сака, само за да може да го изработи документот, тоа е несериозно. Изборот треба да го направи државата“, коментираат експертите.
Досега немаше ниту една официјална средба меѓу „Метрудхем“ и надлежните, иако премиерот Никола Груевски вети дека Владата е подготвена да посредува само да се најде решение со кое ќе се заштити иднината на градот и здравјето на велешани. Наместо тоа, деновиве од Министерството за животна средина го одобрија писмото за намери на „Метрудхем“, а идната недела на компанијата ќе и' биде доставен и обемот на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина. Документот ќе се изработува за спорната локација во Велес, но, според барањата на Министерството, и за друга алтернативна локација. Кои се алтернативите кои ќе ги понуди „Метрудхем“, каде се наоѓаат тие, дали ќе бидат спорни како и велешката, не е прецизирано.
„Секоја студија за оцена на влијанието врз животната средина мора да се однесува на конкретна локација“, коментираат експерти за животна средина. Во студијата се анализираат влијанијата на конкретната постојка врз воздухот, почвата, водите во околината, карактеристиките на теренот, ружата на ветрови и други услови. Таа, велат експертите, може да предвидува и алтернативни решенија, како што се бара и во случајот со Топилница, но главниот акцент, секако, ќе биде ставен на постојната локација. Прашање е кои се алтернативните локации за изградба на ваков објект, бидејќи досега никој од надлежните не излезе во јавноста со конкретен предлог.
Експертите објаснуваат дека изработката на Студијата ќе потрае неколку месеци, а пред да се донесе одлуката ќе мора да биде организирана јавна расправа. Тогаш, очекуваат тие, ќе се кршат копјата, особено ако се охрабри стручната јавност да се вклучи со свои аргументи во одбрана на долгогодишната битка на велешани за дислокација на загадувачот. Квалитетна расправа очекуваат и во Министерството од каде што ги повикуваат и граѓаните и експертите да им ги испратат сите забелешки за Студијата кога ќе биде готова. Директорот на управата за животна средина, Филип Иванов, објаснува дека барањата на Министерството за студијата се обемни.
„Во студијата бараме да бидат опфатени сите аспекти. Покрај технологијата која би се употребила, емисијата на гасови и степенот на загадување, ќе се бара опфаќање и на влијанието врз социо-економските аспекти. Во обемот бараме и презентирање на алтернативни решенија, односно што ќе се случи ако се гради на сегашната локација, што ако не се гради и што ако се гради на алтернативна локација“, вели Иванов.
Тој објаснува дека Студијата мора да биде изработена во рок од 60 дена, но веројатно е дека ќе има пролонгирања доколку има потреба да се побараат дополнувања или изработка на анализи. Откако ќе им биде на располагање, Студијата веднаш ќе биде објавена на сајтот на Министерството, а ќе може да ја коментираат сите, и граѓаните и експертите.
Од Министерството очекуваат сите што ќе имаат забелешки да ги достават до нив во писмена форма. Студијата ќе биде доставена и до локалните власти во Велес, а во соработка со Општината и невладините организации ќе биде организирана и јавна расправа.
„Постапките во вакви случаи траат долго време и ништо не може да се случи преку ноќ, а граѓаните треба да имаат и повеќе доверба во институциите дека ќе се очекува исполнување на сите услови кои се бараат, во поглед на најдобрите достапни технологии, без разлика на тоа на која локација би се градел капацитетот“, коментираат од Министерството.
Под услов „Метрудхем“ да добие позитивно мислење за студијата, потоа ќе следува постапката за издавање А-интегрирана еколошка дозвола за која треба исто толку долг период, а која е неопходен услов за почнување со производство. |