Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Анализа Мислења Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска Фељтон
Фељтон
15.12.2008, 17:31

Фељтон

Македонците крем на бугарското општество (7)

Македонската борба пренесена од штипјанецот Милетич

Виктор Цветаноски

Животната драма на Македонците во минатото се доживувала на македонските простори, но се пишувала во Софија. Штипјанецот Љубомир Милетич таа драма на нашите луѓе непосредно ја пренесувал на хартија од нивните кажувања. Македонците кои по крвавите битки пристигнувале во Софија ги канел дома и терал да му го раскажуваат тоа што го преживеале во Македонија за време на борбите. Најголема заслуга за тоа што денес изворно ја познаваме величествената Илинденска епопеја има токму овој професор на тогашниот Софиски универзитет.

По завршувањето на Илинденското востанието, се сретнал речиси со сите повидни актери на големата македонска голгота и за време на долготрајните ноќни разговори педантно го запишувал секој збор на илинденците. Така се случи сценариото за славниот Илинден да биде напишано отпосле, по пролевањето многу крв на македонските синови.

Објавувајќи ги спомените во предговорот Милетич ќе запише: „Кон средината на октомври се' беше готово - востанието беше во крв задушено, а река бегалци, меѓу кои и повидни учесници и раководители на востанието веќе течеше кон Бугарија. Тогаш првпат видов многумина од војводите кои учествуваа во востанието и со секнат здив го слушав нивното кажување што се случувало и колку се страдало, колкав хероизам покажале простите македонски селани и нивната челад. Си мислев дека настаните за кои тогаш сите толку живо си спомнуваа до најситните детали, за кусо време ќе се заборават, дека главните дејци - раководителите на востанието, кои најдобро знаеја да ги објаснат тие настани, се смртни луѓе, дотолку повеќе што многумина од нив изјавуваа дека штом ќе помине зимата пак ќе одат во Македонија да умрат за делото. Тогаш решив да спасам за историјата, колку што може, со запишување на сеќавањата на повидните револуционери кои се наоѓаа во Софија во текот на зимата 1903-1904 година – се' за што се сеќаваа како учесници во македонското ослободително движење. Идејата беше прифатена и многумина ја прифатија поканата да дојдат кај мене за да го запишам поважното од нивните спомени. Средбите обично се одржуваа навечер и траеја по шест-седум часа“, ќе напише Милетич.



Тој посебно нагласува дека пишувал онака како што му раскажувале, трудејќи се целосно да го зачува јазикот на кој говореле, па оттука, според него, записите што ги направил имале речиси целосно карактер на оригинал на авторски спомени.

Милетич ќе ги забележи спомените и на најголемите македонски револиционери, како што се Даме Груев, Јане Сандански, но и на обични војводи. Даме Груев, кој за разлика од многу други револуционери кои по поразот на Илинденското востание ја напуштиле Македонија, останал меѓу народот, а есента 1904 година кусо време престојувал во Софија. Тогаш ќе се сретне со Милетич. „...Груев, откако извесно време поболедува и се готвеше да се врати пак во Македонија, најде време и за мене. На 18 јануари 1905 год. (по стар стил) вечерта дома кај мене до доцна, до глува доба – преседавме и ја запишав првата половина од неговите спомени“, пишува Милетич.

И наредната вечер се сретнале и повторно долго разговарале, но стасале само до настаните од крајот на Илинденското востание. Се договориле да се видат уште еднаш, но до нова средба не дошло. „Ненадејно дојде Груев да ми каже дека, за жал, морал веднаш да си замине, па дошол да се збогуваме. Ми го даде за спомен својот п��ртрет, со свој потпис и датум 4.4.1905 год. Ми беше јад што така неочекувано се разделуваме. Му посакав среќа и скоро видување во Софија. Не го видов веќе. На 23.12. 1906 година се разнесе жалната вест за неговата смрт“, пишува Милетич за последната средба со водачот на Илинденското востание.


Иван Попов учествуваше во сите војни за Македонија и на крајот се самоуби во Софија

Познатиот професор на Софискиот универзитет раскажува и за потресната судбина на Иван Попов, костурски војвода за кого вели дека стоички го носел тешкиот крст на идеалист-поборник за македонската слобода. „Без двоумење можам да речам дека меѓу многуте први македонски јунаци, во најблагородна смисла на зборот, Иван Попов е меѓу најпрвите. Попов беше необично чиста душа со цврст карактер и крајно скромен. Немаше училишно образование, но се одликуваше со голема, вродена интелигенција“,напиша Милетич за костурскиот војвода, кој по Илиденското востание ќе учествува во сите војни што се воделе за слобода на Македонија.

Милетич се гледал со Попов одвреме-навреме во Софија, а при една случајна средба ништо не можеле да си кажат меѓу себе, само тажно се гледале, бидејќи костурскиот војвода бил очигледно разочаран по сите загубени војни за неговата Македонија. „Помина време и јас ја прочитав во весниците поразувачката вест - овчарчиња го нашле полураспаднатиот труп на Иван Попов во спилите над Драгалевскиот манастир, блиску до живописниот Паша-бунар, каде што Попов сам си го одзел животот. Што ја натерало оваа голема душа така да заврши не се дозна. Имал материјални проблеми, морал од се' да се откажува, а имал и душевни маки. Незаслужено многу страдал, а во својата скромност, како што се гледа, не сакал да се жали, туку претпочитал тивко и спокојно да замине”, ќе напише Милетич во предговорот на спомените за Иван Попов.



Милетич забележал спомени на 24 македонски револуционери. Разговарал и со некои од основачите на ВМРО, а за време на Балканските војни и со повеќемина бегалци кои по злосторствата на Србите во Вардарска Македонија пребегнувале во Бугарија. Нивните кажувања забележани од софискиот професор ги користеле и членовите на Карнегиевата комисија во извештајот што го подготвиле за страдањата и големите колежи што тогаш ќе ги извршат завојуваните војски на македонските простори.

Академик Иван Катарџиев во предговорот на изданијата на македонски јазик истакнува дека настаните и проблемите во спомените забележани од Милетич се кажани низ лична призма. Но, и покрај субјективноста карактеристична за секој од спомените, преку кажувањата на војводите и револуционерите, читателот може да ги долови атмосферата и духот на тоа време, заблудите и романтизмот на учесниците во борбите, но и шпекулациите на тогашната политика.



Многумина го поставуваат прашањето колку се автентични спомените за македонските војводи и револуционери што ги запишал софискиот професор со македонско потекло. Некои сметаат дека спомените не се автентични, дека Милетич ги дополнувал и внесувал работи што не ги кажувале неговите соговорници, особено околу употребата на терминот Бугари, бугарски села и сл. Академик Катарџиев смета дека нема причина да не му се верува на Милетич на тоа што го забележал, бидејќи нема конкретен доказ за таквите тврдења.

Македонскиот историчар го поткрепува тоа со фактот што спомените на Христо Татарчев и на Михаил Герџиков биле објавени додека биле живи, а тие по излегувањето од печат не упатиле ниту една забелешка на содржината на нивните кажувања запишани од Милетич.

Истото мислење го дели и академик Гане Тодоровски, кој е на становиште дека Милетич е најзаслужен што актерите на македонското национално движење и учесниците во илинденските настани 1903 година се зафатиле да пишуваат за она што се случило. Истовремено, тој смета дека софискиот професор како и многу други македонски интелектуалци кои живееле и работеле во Бугарија, се избришани од меморијата на македонското паметење.

Милетич е роден 1863 година во Штип. Тој е познат историчар, филолог и етнограф. Бил претседател на Бугарската академија на науките и еден од основачите и претседател на Македонскиот национален институт во Софија. Бил избран за дописен член на Руската, Полската, Чешката и Југословенската академија на науките. Бил професор на Софискиот универзитет, декан на Историско - филолошкиот факултет и ректор на Универзитетот. Починал во 1937 година.

(пр��должува)


Статијата е прочитана 2208 пати.

Испрати коментар






Todor, 16.12.2008 00:43:55
Chovekot koj najmnogu vlijael na Revolucionernto Dvizhenje e Dimitar Blagoev, makedonec, duhoven I politichki vodach na bugarskite socijalisti: "Edna zaednichka drzhava na site bugari e iluzija. Osmanskoto Carstvo nema da saka da ja odstapi Makedonija, Avstro-Ungarija kje se sprotivstavi na formiranje na golema Bugarija, Rusija ne e imala nikogash namera da pomogne formiranje na golema Bugarija. Zatoa taktikata na Vrhovistite so isceniranje na teroristichki upadi vo Makedonija, za da gi vmeshat golemite sili vo korist avtonomija na Makedonija treba da se prekine. Celta e ostvarliva samo ako celiot narod se vkluchi vo Revolucionernata Organizacija."- Fikret Adanir, turski istorichar go citira na D. Blagoev i komentira: "Toa beshe G. Delchev, koj ovie idei na Blagoev gi sprovede vo praksa.
15.12.2008, 18:46

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

   


Site Meter


Време
Скопје, 19°C

Ведро

Сабота
Ведро
Макс: 32°C, Мин: 13°C

Недела
Сончево
Макс: 33°C, Мин: 14°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (12)
Докторите на Тито во колиба. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Операција на колк во живо во „Аџибадем Систина“
Операцијата на 48 годишен пациент, траеше два часа, а ја следеа во живо голем број еминентни ортопеди, трауматолози и фи...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Анализа | Мислења | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска | Фељтон |