16.05.2012, 18:05 Македонски уметници со Македонската филхармонија
Утрешниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во Домот на АРМ во 20 часот, ќе биде посветен на македонски уметници. На последниот концерт од циклусот „Кирилица“, под диригентската палка на Борјан Цанев, како солисти ќе се претстават: Владимир Крстев - виолина, Владимир Лазаревски - обоа, Ванчо Стојановски - фагот и Паскал Краповски - виолончело, кои прв пат во Македонија ќе ја изведат Симфонија кончертанте бр. 2 од чешкиот композитор Бохуслав Мартину.
Како учесници и добитници на повеќе меѓународни награди, овие македонски уметници се често застапени на македонската, европската и светската музичка сцена, настапувајќи како солисти и камерни изведувачи. Членови се во повеќе ансамбли, меѓу кои „Мјузик прогресив квартет“, ансамблот „Бахус“, квартетот „Бревис“ и други, а како солисти настапуваат со симфонискиот и камерниот оркестар на Македонската филхармонија.
На утрешниот концерт своја македонска праизведба ќе има и Увертирата оп. 54 од македонскиот композитор Димитрие Бужаровски, а ќе биде изведена и Симфонијата бр. 6 „Пасторална“ од Бетовен. (Т.И.) |