02.03.2012, 15:06 (ФОТО) Вардар ќе добие бродови
Два сплава во форма на бродови ќе гради извесна „Фаланга“, по нивна замисла. До кога треба да ги изгради, се уште не се знае
Градските власти прифатија извесната фирма „Фаланга Дим“ од Скопје да ги изгради двата од четирите планирани сплавови на Вардар. Се согласија сплавовите да наликуваат на бродови, како што е понуденото идејно решение на „Фаланга“. Откако ќе ги изгради, за нивно користење фирмата ќе плаќаат месечна кирија од 1.050 за едниот и 1.250 евра за другиот сплав. До кога фирмата ќе треба да ги изгради сплавовите, градските власти се уште не откриваат. Засега, единствено е познато дека сплавовите ќе се користат како угостителски објекти, а „Фаланга“ ќе ги добие на користење на 10 години. Едниот ќе биде изграден на брегот пред МЕПСО, а другиот спроти новата зграда на МНР.
„Град Скопје во натамошниот тек на постапката ќе ги регулира правата и обврските во согласност со правилата предвидени во Одлуката и конкурсот и понудата на избраниот оператор. За останатите два сплава јавниот повик се поништува и Градот наскоро ќе реши дали ќе ја повтори постапката со нов јавен повик“, велат од Град Скопје.
„Фаланга“ беше единствената фирма која учествуваше на јавниот повик за заинтересиран инвеститор на сплавовите. Изградбата на урбаната опрема, всушност, беше еден од условите за учество на повикот, а заинтересираните дополнително требаше да понудат и цена за месечен надомест. До изградба на сплавовите, обврска на Градот ќе биде да ја изгради потребната инфраструктура. Во минатата година Градот презеде одредени зафати и за нив најави дека ќе потроши околу 150.000 евра.
Сплавови, за кои не се јави потенцијален инвеститор, се предвидени и пред старо новиот театар и пред планираната Колонада. (Дс.Т.)
|