04.09.2012, 18:42 Мислења
Француската дипломатија и приоритетите на Оланд
Нано Ружин
Во овој момент Франција ја опслужуваат 163 амбасадори и 15.000 други дипломати и службеници
Во август изминаа 100 дена од именувањето на новата француска влада на левицата предводена од премиерот Жан-Марк Ајро и претседателот Франсоа Оланд. Првата дилема на надворешните набљудувачи која се поставува при промената на власта во секоја држава е прашањето: дали може да се очекуваат поголеми промени на надворешнополитички план?
Кога се во прашање големите европски и светски сили, најчесто не се најавуваат фундаментални промени. Тоа не значи дека треба да се исклучат извесни нијанси кои можат да се битни за државите како што е Македонија. Пред да се пристапи кон анализата на „новата надворешна политика“ на Кеј д ‘Орсеј треба да се истакнат некои неочекувани потези на Франсоа Оланд кои ја изненадија меѓународната јавност. Најголемото изненадување беше изборот на Лоран Фабиус за министер за надворешни работи, инаку поранешен премиер во владата на Франсоа Митеран, но и човекот кој се залагаше за референдумското „не“ за европскиот Устав. Во 2005 година Французите го отфрлија уставот, што предизвика негативни реакции во европските градови, особено во Берлин.
Кадровското решение на Оланд може да се протолкува на два начина: или се работи за политички калкулации на претседателот кон сопствената партија и кон својот најдобар непријател или се работи за порака насочена кон европските партнери? Дали тоа значи дека левицата која сега е на власт ќе има поинаква надворешна политика од претходната влада на десничарот Саркози?
Оланд дојде на власт кога има економска и финансиска криза во Европа, вриежот на Блискиот Исток и арапската пролет до ширењето на тероризмот, нуклеарната пролиферација. Неговиот хендикеп е дека за време на целата кариера во рамките на Социјалистичката партија се занимаваше со внатрешна политика. Со новата функција, како што истакнува аналитичарот Бертран Бади, секој претседател на Франција треба да се ангажира во надворешната политика од две причини. Прво, според Уставот на Петтата Република овој домен ексклузивно му припаѓа на претседателот и, второ, секој претседател за да биде почитуван на внатрешен план мора да е активен и на меѓународната сцена. Оланд е свесен дека неговото политичко опстојување и репутација зависат од неговата иницијатива и принципиелност на надворешен план.
Во оваа насока за претседателот Оланд германско-француските односи се приоритетни. Какви било да се внатрешните промени, политичката архитектура и дипломатија на Европа се потпира врз франко-германскиот двоец и никој од двата партнери не сака да ја наруши таквата дијалогика. За тоа постојат повеќе причини. Велика Британија, третата голема сила на ЕУ, не е толку ангажирана во европското семејство и не е во еврозоната. Останатите големи сили, како што се Шпанија, Италија, се економски и финансиски тешко болни. Оланд засега е во извесна предност во однос на Меркел, бидејќи побара да се преиспита пактот за стабилност. Кризата во Јужна Европа ја зајакна позицијата на Оланд со оглед дека и револтираните маси и владите на неколку држави го поддржуваат. Згора на тоа, економско-социјалниот неоконзервативизам на Ангела Меркел, кој изминативе години беше поддржуван од Саркози, социјалистот Оланд почна да го оспорува. Оланд смета дека кризата може да се надмине со Кејенсово хуманата визија и зголемената интервенција на двата мотора на ЕУ и нејзините институции.
Визиите на Оланд во однос на надворешната политика најпрецизно ги изрази на 27 август на хирингот со амбасадорите на Франција. Во Елисејската палата, во присуство на премиерот Ајро, министерот Фабиус, претседателот на Собранието и на Сенатот, се одржа конференција со 163 амбасадори. На оваа средба Оланд истакнал дека светот се одликува со нестабилност и неизвесност. Поредокот од времето на студената војна исчезна, но новиот се' уште не е воспоставен. Заканите во последните години се умножија: од тероризмот што се шири и кон Африка, преку неконтролираната трговија со дрогата, експлозијата на пандемиите, злоупотреба на новите технологии до економската и финансиската нестабилност, пораст на сиромаштијата.
Зборувајќи за универзалните вредности, Оланд апелирал за поголема ефикасност на Обединетите нации и за реформи на Советот за безбедност со цел да се создаде поефикасна светска влада. Второто прашање се однесувало на справувањето со кризата во ЕУ и односите со Германија. За таа цел Оланд ги повторил изборните ветувања за оданочување на големите финансиски трансакции и побара солидарност од Германија со оглед на големиот отпор на крупниот капитал.
Посебно место во француската дипломатија зазема односот кон Турција. Познато е дека во однос на ерменското прашање Оланд имаше исти позиции како и Саркози. Меѓутоа, тој настојува да ја смири топката со Анкара. Франција би требало да одржува стабилни и блиски политички односи со економски робусната Турција без да се игнорираат горливите билатерални прашања.
Зборувајќи за кризите, Оланд ги споменал наколкуте најзначајни предизвици за француската дипломатија и тоа: кризата во Европа која создаде долгови, ја ослаби индустријата, ја наруши социјалната кохезија на државата. Франција е целосно решена да се бори за еврото и за стабилна Европа. Еврото е неповратен процес и нема отстапување од оваа монета. Вториот предизвик е кризата во Сирија.
За успешно водење на надворешната политика на Франција. Неопходно е да се располага со квалитетен кадар. Во овој момент Франција ја опслужуваат 163 амбасадори и 15.000 останати дипломати и службеници. Во Франција дипломатите не се избираат според партиски клуч, туку според способноста. Убава лекција за нашата славна дипломатија. Прашањето за евроатлантските интеграции на Македонија и спорот со јужниот сосед околу името не е важен дел од агендата на француската дипломатија. Париз ги подржува евроатлантските интеграции на Македонија, но во поглед на спорот околу името нема намера да се меша или да зазема страна. Спорот треба да се реши во рамките на преговорите што се водат во ОН со медијаторот Нимиц. Во рамките на НАТО и ЕУ, Франција ги респектира принципите на консензус и солидарност со останатите членки, меѓу кои е и Грција.
Илузорно е да се очекува од Париз кога една држава-сојузник во ЕУ и во НАТО е во економска, финансиска и политичка криза да изврши притисок поради македонското прашање. Тоа спаѓа и во бриселскиот дипломатски бонтон. Она што треба да направи македонската дипломатија е да престане да се крие во дупката и да покаже поголем немир, активност, иницијативи, конструктивност. Во досегашниот период македонската дипломатија не покажа некој посебен интерес за подобрување на позициите во Париз или привлекување на Франција за да се заинтересира за Република Македонија. Во услови кога немаме квалитетни диполоматски алатки и поседуваме непрофесионална и инертна дипломатија без визии, не треба да очекуваме дека Франција сама по себе ќе се заинтересира за нашиот случај.
(Авторот е универзитетски професор и член на ЛДП)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |