13.03.2012, 18:06 Поглед
Рецептот на Саркози
Слободанка Јовановска
Како акт на предизборен очај е оценета изјавата на францускиот претседател Николас Саркози дека ќе ја извади Франција од шенген-зоната ако за дванаесет месеци ЕУ не понуди промени во регулативата што ќе ја запрат илегалната администрација. Саркози, кој според француските процени е на добар пат да ги изгуби изборите идниот месец, се фати за најпроверениот политички рецепт - популизмот за да го сврти бројот на гласачите во своја корист, тврдејќи дека има „премногу имигранти во земјата“.
Играњето со чувствата, макар и кога тоа ги електризира и антагонизира граѓаните во земјата, е најдобра предизборна кампања на која не се имуни во Франција и во другите високодемократски држави во Европа. Такви запаливи прашања, помалку или повеќе, има секоја држава, но уметност е да се знае до колкава мера можат да се (зло)употребуваат од страна на оние што треба да ги решаваат.
Во Германија на изборите вообичаено се билдаат рејтинзите околу неинтеграцијата на Турците, што доведе до изјава на канцеларката Ангела Меркел дека настојувањата да се изгради мултикултурно општество, дефинитивно, пропаднале и дека претставниците на ова малцинство треба да се потрудат да го научат германскиот јазик. Во Хрватска политички поени се собираат околу привилегиите на бранителите, во Србија рејтинзите се билдаат со статусот на Косово, во Косово со идеите за голема Албанија, а во Македонија со конфликтите меѓу Македонците и Албанците во земјата.
Популизмот и национализмот не се туѓи на политиката, напротив, многу се својствени, но прашање е дали луксузот што може да си го дозволи Саркози може да си го дозволи секоја држава, вклучувајќи ја и Македонија. И колку често тој може да се употребува, односно дали е само предизборен ексцес или станува систем за функционирање на државата. |