13.03.2012, 18:04 Едиторијал
Пропуштена шанса да се истера омразата
Наум Котевски
По барање на Министерството за внатрешни работи, Фудбалската федерација на Македонија одлучи тетовските екипи Шкендија и Тетекс денеска и утре да не ги играат натпреварите од П��вата лига против Вардар и Напредок во својот град, ниту, пак, оној меѓу себе в недела.
Како своевиден подарок од куќата на фудбалот тие како домаќини ја добија можноста да посочат друг терен за спортско надигрување.
Шкендија на „алтернативната листа“ ја заокружи Струга, а Тетекс стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. За на крајот да побараат одложување на натпреварите бидејќи според нив безбедносната ситуација во западниот дел на Македонија не е различна од другите делови.
На прв поглед тоа е изнуден потег на МВР со кој (како и со полицајците на автобуските станици) се труди да го намали лимититот на општествената непријатност, неподносливо дигнат поради меѓуетничкото дивеење.
Но, кога подобро ќе се размисли ваквото дислоцирање на проблемот не претставува и решавање на проблемот (на крајот на краиштата, од аспект на тензичноста на моментот, што е разликата меѓу Тетово и Струга).
Туку, за жал, моќно ни ја лоцира болната вистина за нашето немоќно општество. Кукавичкиот став не одам на испит, бидејќи знам дека ќе паднам, или несоочувањето со проблемот, претставува и политички и институционален, но и граѓански пораз.
Можеби, само Бразилците ги решаваат проблемите така што не ги решаваат, но тоа им го дозволува нивниот менталитет и амбиент, кој е дијаметрално различен од овдешниот.
Затоа денеска партиите, невладините организации, борците за граѓанските права, многу знајни и незнајни јунаци кои постојано се колнат во човечките димензии, без помош на полицијата, имаа неповторлива можност, користејќи ја умешно исцелителната моќ и, ако така може да се каже, харизмата на спортските настани, да застанат цврсто контра милитантните повици на јавните политички елити. Но и против скриените подземни елити, кои за пари вешто го брануваат национализмот, кој е како водата. Ако постојано не го брануваш тој трули како мочуриште.
Сите заедно можеа да се потрудат да организираат заедничко пиење чај во заедничкото Тетово, вклучувајќи ги тука, секако, и најмладите, најподложните за манипулации, во која група спаѓаат и „Комитите“ и „Балистите“. Со тој гест, поддржан од силината на медиумите, во нашите темни соби полни со омраза ќе внесеа јасна порака - дека ова што сега нам ни се случува не е вистинската концепција на нашиот микрокосмос. Дека тоа е илузија која некој сака да ја претстави како наша реалност. И ќе ги оживееја моментите, кога бевме поприфатливи еден за друг.
Така се прави првиот чекор „без вевчански маски“, за излегување од магичниот круг на шовинизмот, во кој, како што вели колумнистот на „Утрински“, Арсим Зеколи, владее „дијалогот на сувопарни политички медиумски изјави без искреност и длабочина“.
Тажно е што пропуштивме уште една шанса да му ја подотвориме вратата на „духот на омразата“, кој упорно не' прогонува, како што, да речеме, Николас Кејџ го прогонуваше духот на Никола Тесла за време на престојот во собата 3327 во хотелот „Њујоркер“, каде што цела деценија живеел белосветскиот гениј. А, ланските научни истражувања во САД покажаа дека пропуштените шанси повеќе болат од грешките.
Ова општество не смее да ја пропушти и следната ваква шанса со чија реализација, освен што ќе покаже дека поседува капацитет и нема потреба од странска интервенција, ќе каже: шовинизмот дава крила, ама на крајот ги крши. |