16.03.2012, 17:13 Најбогатиот човек во светот доаѓа во Македонија
Карлос Слим ќе престојува на ИТ конференција во Охрид, по лична покана на министерот Иво Ивановски
Најбогатиот човек во светот, Мексиканецот Карлос Слим, доаѓа во Македонија. Милијардерот Слим ќе учествува на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, формирана од Меѓународната телекомуникациска заедница и УНЕСКО, со која претседава токму Слим. Конференција ќе се одржи од 31 март до 2 април во Охрид , а освен него, на собирот за информациски технологии, во земјава ќе дојдат и нејзиниот копретседавач - претседателот на Руанда Пол Кагаме, како и комисиските членови, меѓу кои и извршните директори на најголемите светски компании кои се двигатели на информатичкото општество, како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.
Слим ќе пристигне во земјава со неговиот приватен авион и засега нема поставено посебни барања околу неговиот престој. Тој доаѓа на лична покана на министерот Иво Ивановски, со кого лично се познава и веќе неколкупати се среќавале. Неодамна ручале заедно во Њујорк кога министерот и го повикал Слим да присуствува на конференцијата во Охрид. Конференции од овој тип се одржуваат два пати годишно, информираат од Министерството за информатичко општество, најчесто во Њујорк, Женева или во Париз, а прв пат ваква конференција ќе се одржи во Македонија.
Најбогатиот човек на светот во Охрид ќе престојува три дена, за целото времетраење на конференцијата, но нема познати детали во кој хотел ќе отседне, ниту пак дали во агендата му е вклучено разгледување на убавините на Охрид. Познато е дека во текот на престојот ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски. Покрај Слим во Охрид доаѓаат и претседателот на Руанда, а за првпат ќе дојде и член од австралиската влада.
Според магазинот „Форбс“, Слим е најбогат човек на светот, трета година по ред, а неговото богатство е проценето на 69 милијарди долари. Тој своето богатство го стекна во секторот на телекомуникациите, трговијата, финансиите, суровините и енергетиката. Мексиканскиот бизнис-магнат и филантроп е претседател и главен извршен директор на телекомуникациските компании „Телмекс“ и „Америка Мовил“ и има огромни имоти во други мексикански компании преку својот конгломерат, „Групо Карсо САБ“, како и бизнис-интереси на друго место во светот. Седумдесетидвегодишниот Слим сега работи и во секторот на малопродажба, финансиите, суровините и енергетиката. Во последните години мексиканскиот магнат купи големи удели во странски компании како што е синџирот на стоковни куќи „Сакс“ и издавачот „Њујорк тајмс“.
Слим е роден во Мексико Сити, во 1940 година, од христијански родители Џулијан Слим Хадад и Линда Хели, и двајцата со либанско потекло.
Градежништво, недвижности и рударството биле во фокусот на интересот за бизнис на почетоците на Слим. Во 1990 година тој влегува во концерн со „Францускиот телеком“ со цел купување на компанијата за фиксна телефонија „Телмекс“ од мексиканската влада. Од 2006 година, 90 проценти на телефонските линии во Мексико се управувани од страна „Телмекс“, додека неговата компанија за мобилна телефонија „Телцел“ покрива речиси осумдесет проценти од сите мобилни телефони на земјата. Во 1999 Слим го шири својот бизнис надвор од Латинска Америка со формирање на „Телмекс САД“ и со купување акции во „Тракфоне“, американска компанија за мобилна телефонија. Тој има удели во повеќе компании за мобилна телефонија надвор од Мексико, вклучувајќи ги и бразилската АТЛ и „Телеком Америка“, „Тектел“ во Аргентина, и други во Гватемала и Еквадор. Слим инвестирал и во телекомуникациски компании во Колумбија, Никарагва, Перу, Чиле, Хондурас и Ел Салвадор.
Во 1986 година ја формира фондација „К��рлос Слим“, а во 1995 година е основана фондација „Телмекс“, со широк опсег на филантропска основа. Во 2007 година Слим објави дека во фондациите вложил 4 милијарди долари, кои се наменети за здравството, спортот и образованието. Слим е заменик-претседател на мексиканската берза и претседател на мексиканското Здружение на брокерски куќи.
Слим беше во брак со Сумнаја Домит од 1967 до нејзината смрт во 1999 година. Тие имаат шест деца, Карлос, Марко Антонио, Патрик, Сумнаја, Ванеса и Јохана. (С.Н. - С.М.) |