19.03.2012, 12:51 Иванов му го честита изборот на новиот германски претседател Гаук
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати писмо со честитка до Јоахим Гаук, новоизбраниот претседател на Сојузна Република Германија
- Дозволете ми да го изразам задоволството од високиот степен на традиционално пријателските односи и соработката меѓу нашите држави и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за нивно натамошно унапредување во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Бидете уверени дека Сојузна Република Германија ја сметаме за искрен пријател и партнер, не само во сферата на економијата и реформите, туку и на полето на европските и евроатлантските интеграции, стои во честитката упатена од претседателот Иванов.
Македонскиот претседател потенцира дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени на исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија.
Иванов во писмото искажува благодарност за поддршката што Германија и ја дава на Македонија во оваа насока и изразува надеж дека таа ќе продолжи и во претстојниот период, особено пред и за време на Самитот на НАТО во Чикаго, како и на претстојните состаноци на Европскиот совет.
|