16.03.2012, 16:41 Косово не сака фуснота
ВИЕНА – Заменикот на косовскиот министер за надворешни работи, Петрит Селими, тврди дека Приштина нема намера вечно да настапува со фуснота на меѓународните собири. „Не го менувавме името. Во договорот стои дека се работи за привремено решение“, изјави тој за австриската новинска агенција АПА.
Селими истакна дека договорот овозможува напредување, укажувајќи на студијата за изводливоста за склучување спогодби за стабилизација и приклучување кон ЕУ, која сега треба да се изработи. Тој, исто така, ги критикуваше претстојните локални избори во Србија, кои се распишани и во Косово. „Тоа е провокација и целосно е неприфатливо“, порача Селими.
Кога станува збор за интеграција на северот на Косово, Селими е оптимист и истакнува дека е „потребно време“. Делегацијата на Косово завчера го напушти регионалниот собир во Белград на кој беше претставено со името со фуснота. Поради немањето фуснота, Србија го напушти собирот во Сараево. „Проблемите со собирите во Белград и Сараево се обид Приштина на самите настани да го промени бриселскиот договор“, изјави тој, реагирајќи на овие настани еден од потписниците на спогодбата, шефот на белградскиот тим Борислав Стефановиќ. (Танјуг)
|