16.03.2012, 12:13 Попоски – Хаџинасто: Инцидентите не смеат да го нарушат соживотот
Македонија и Албанија делат заедничка европска визија, а Албанија ја поддржува Македонија за членство во НАТО, истакнаа шефовите на дипломатиите на двете земји
Македонија и Албанија осудуваат секаков вид инциденти кои може да им наштетат на добрососедските односи и бараат на сторителите да им судат институциите на системот. Двете земји делат заедничка европска визија, а Албанија ја поддржува Македонија за членство во НАТО, истакнаа шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Попоски и Едмонд Хаџинасто на денешната прес-конференција во Скопје.
- Сакаме да ја видиме Македонија да напредува кон НАТО интеграциите и ЕУ. Истото се однесува и на земјите од регионот без исклучоци, кои прво треба да се интегрираат меѓу себе, а потоа и во овие организации, рече Хаџинасто.
Во врска со палењето на македонското знаме, тој потенцира дека видел како се пали и албанско знаме и смета дека ваквите инциденти не смеат да се случуваат, но тие исто така не треба да ги компромираат одличните односи меѓу Македонија и Албанија, туку треба да се осудат, а виновниците да се изведат пред лицето на правдата.
– Побаравме од сите политички фактори да покажат зрелост, смиреност и поддршка за институциите да можат да ги решат овие проблем, истакна Хаџинасто.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски го дели ставот на гостинот од Албанија.
- Кој било гест, кој цели кон нарушување на одличната соработка во регионот и е навредлив за кој било од нашите пријатели или соседи како во Македонија така и во Албанија, мора да биде осуден и третиран во рамките на институциите на системот. Имаме заедничка иднина во рамки на ЕУ И НАТО, делиме исти вредности и така треба да бидат третирани сите гестови кои сакаат да ја нарушат ова цел и иднината која што сакаме да ја градиме, рече Попоски. |