15.03.2012, 11:54 Воjникот што уби 16 цивили во Авганистан префрлен во Кувајт
Американскиот војник, кој во неделата уби 16 цивили во Авганистан, е префрлен во Кувајт, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на американски официјален извор. Засега нема коментар од страна на авганистанската влада.
Многу Авганистанци сакаат на масовниот убиец да му се суди во земјата.
Командантот на армијата на САД и на НАТО во Авганистан, американскиот генерал Џон Ален, наредил наредникот да се префрли од земјата врз основа на правна препорака, соопшти претходно портпаролот на Пентагон капетан Џон Керби, цитиран од светските агенции.
Керби објасни дека вооружените сили на САД не располагаат со соодветни центри за задржување во Авганистан.
Наредникот, чие име се чува во тајност, бил транспортиран со воен авион во објект во трета земја, која служи за притворање на американски воени лица, откри американски војник, кој посакал да остане анонимен.
Капетан Керби подвлече дека тоа задолжително не значи дека процесот против наредникот ќе се спроведе надвор од Авганистан.
Според цитираниот во��н извор, меѓутоа, судскиот процес ќе биде надвор од земјата каде бил извршен криминалот.
Портпарол на Пентагон, Џорџ Лител, во понеделникот потсети дека во согласност со спогодбата меѓу САД и Авганистан американските воени лица, кои извршиле криминал на авганистанска територија, им се предаваат на американски воен суд, а не на авганистанското правосудство, забележаа светските агенции.
Се уште не е покренато обвинение против приведениот американски војник. Ако се прогласи за виновен, тој може да биде осуден на смрт.
Авганистанскиот парламент побара јавен процес за Американецот во Авганистан, за сите да видат дека тој ќе ја добие правдата, потсетуваат американските медиуми. Пратениците го повикаа претседателот Хамид Карзаи да ги прекине преговорите со САД за нивното воено присуство во Авганистан на долгорочен план, се додека тој услов не се исполни.
Многумина стравуваат дека евентуален погрешен чекор на САД во врска со случајот може да предизвика незадоволство и насилство во Авганистан, кои би ги поткопале и без тоа веќе затегнатите односи меѓу двете земји, забележаа американските медиуми.
|