19.03.2012, 14:47 Цути трговијата со оружје во светот
Во 2010 година обемот на остварени зделки достигна 411 милијарди долари
Трговијата со конвенционално оружје во светот зела замав во последните години. Во периодот од 2007-2011 година, според извештајот на Институтот за истражување на мирот од Стокхолм, Сипри, објавен денеска (19 март), околу половина од светската трговија со оружје отпаѓа на двата најголеми лиферанта - САД со 30 проценти и Русија со 24 отсто. На трето место по извоз на оружје е Германија со девет проценти. Според Сипри, Германија извезувала, меѓу другото, подморници и фрегати, а најголеми купувачи се Грција, Јужна Кореја и Јужноафриканската Република.
На четврто место на листата светски извозници на оружје следува Франција (8 проценти), а на петто Велика Британија (4 проценти).
Паѓа в очи напредувањето на Кина како светски извозник на оружје. Купувач на кинеските бродови и воени авиони, пред се', бил Пакистан.
Неговиот сосед, Индија, пак, бил најголем увозник на оружје со десет проценти од вкупниот светски увоз. Причина се непријателството кон Пакистан, како и индискит�� внатрешни конфликти и борбата против тероризмот.
Останатите четири најважни увозници на оружје, исто така, се од азискиот простор: Јужна Кореја со шест проценти, Пакистан и Кина со по пет отсто и Сингапур со учество од четири проценти во светскиот увоз на оружје.
Куриозитет, секако, е случајот со Сирија -„гладот“ за оружје во оваа земја нараснала за 580 проценти од 2002 година наваму! Слично е и со Венецуела, каде што се бележи пораст на увозот на оружје од 555 проценти. Според Сипри, Арапската пролет имала само мало влијание врз меѓународната трговија со оружје.
Реномираниот шведски институт објавува податоци за движењето на светската трговија со оружје на пет години. На крајот на февруари Сипри објави податоци за зделките на стоте водечки светски концерни на полето на производство на вооружување и воена опрема. Според податоците, во 2010 година обемот на остварени зделки за испорака на вооружување во светот имала вредност од околу 411 милијарди долари, односно 305 милијарди евра. (Дојче веле)
|