19.03.2012, 14:12 Интерес од турски компании за инвестиции во Македонија
Министерот без ресор Хади Незир по денешниот македонско-турски бизнис форум во Скопје на претставници од 28 турски компании
По неодамнешната економска презентација на македонската економија во повеќе турски градови има голем интерес од турски компании за инвестиции во Македонија, меѓу кои и од „Султаш“, сточарско-земјоделска компанија, со која се во тек преговори за влез преку млекарницата „Сведмилк“.
Тоа го изјави министерот без ресор Хади Незир по денешниот македонско-турски бизнис форум во Скопје на претставници од 28 турски компании, членки на комората ТУМСАИД и од четириесетина од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Министерот Незир посочи дека се уште не може да го потврди дефинитивниот влез на македонскиот пазар на Султаш, но истакна дека нивната инвестиција ќе биде голема и ќе отвори многу работни места.
- Тоа ќе биде голема инвестиција за нашите земјоделци и сточари. Се работи за Сведмилк млекарницата. Се уште не може да се каже дефинитивно се влезени, но с�� надевам дека ќе инвестираат, изјави Незир.
Тој информира дека покрај во Македонија, покрај од Измир, престојува група стопанственици и од Бурса и оти се во тек разговори со повеќе турски компании.
Според него, има успех во привлекувањето турски инвеститори во Македонија. По ТАВ, Џевахир Холдинг, Белена, Очната клиника, интересот е голем и се надевам дека деновиве ќе имаме уште неколку инвеститори, рече Незир и укажа дека во Македонија досега инвестирале 100 компании од Турција.
Можностите за соработка и за идни инвестиции на денешниот бизнис форум ги претставија 28 турски компании од градежниот, хемискиот сектор, прехранбената индустрија, електроника и од услужните дејности. Раководството на ТУМСАИД очекува средбите на бизнисмените да резултираат. - Се надевам дека овие билатерални средби ќе бидат успешни. Инвестирањето во Македонија за нас е од големо значење како центар за директна соработка со Европа, рече Мехмед Чајлан, претседател на ТУМСАИД.
|