Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Ретровизор Саботен магазин
Коментари
19.04.2013, 18:35

Мислења

Паралел-слалом

Огнен Малески

Поранешниот командант на ОНА, Хашим Тачи, и блискиот соработник на Слободан Милошевиќ, Ивица Дачиќ, одбраа низ дијалог и компромис да дојдат до позитивна разврска во интерес на нивните народи

По многу години неизвесност, подеми и падови на патот наречен „европски интегративен процес“, уште две земји од просторите на поранешна Југославија (по Словенија, Хрватска и Црна Гора) имаат реална шанса да фатат навистина задоцнет, но толку посакуван приклучок кон последниот вагон на европската железничка композиција. Едната од нив е Македонија, која петта година по ред добива позитивни оцени и препораки од Европската комисијата (споделени и од Европскиот парламент), но која пред се' поради нерешениот проблем со нашиот јужен сосед се наоѓа во стенд-бај позиција. Вториот кандидат за добивање датум за почеток на пристапните преговори е нашиот северен сосед - Србија, која многу подоцна од нас влезе во кругот на потенцијални кандидати, но доколку успешно ја мине последната - најкомпликувана и најболна пречка врзана за релациите со Косово, има реална шанса да ја реализира посакуваната цел.

Иако снежните патеки по кои двете земји го возат паралел-слаломот се во многу нешта различни, она што ги обединува е црвената лента поставена во целната рамнина. Битката со времето во случајов е уште побитна, бидејќи реални се шансите во случај на позитивни поместувања и двете земји на јунскиот самит на ЕУ да добијат пас за почеток на преговорите. Таквиот исход навистина би значел многу не само за граѓаните на засегнатите држави, туку и за регионот во целина. Позитивната разврска во овие два случаја, покрај релаксација на латентните тензии, отвора простор и за преостанатите земји во регионот (Албанија, Босна и Херцеговина и Косово) во догледна иднина да ја извозат својата слалом-трка.

Позитивниот исход би бил успех и за самата ЕУ, која го забави процесот на проширување и покажа низа слабости во градењето заедничка надворешна политика. Од друга страна, неуспехот носи неизвесност и можно одлагање на одлуките за една до две години, особено ако се има предвид дека следната година сите во Унијата ќе бидат преокупирани со изборите за европарламентот, како и со формирањето на новата Комисија.

Имајќи предвид дека во моментот кога ја пишувам ова колумна исходот од најновата (завршна?) рунда на преговори во Брисел меѓу високите делегации на Белград и Приштина се' уште не е познат, мудро е да се остави мала доза на резерва во однос на можниот компромис. Мала, затоа што сите индикатори говорат дека договорот е на дофат на раката. Но, дури и тоа денес да не се случи, можеше ли некој до пред само неколку месеци да претпостави дека челните луѓе во Белград и во Приштина ќе изодат чекори од седум милји и ќе дојдат до фаза кога според зборовите на високиот претставник Кетрин Ештон „јазот меѓу двете страни сега е мал и плиток“.

Манифестирајќи чувство за вистинските интереси на своите граѓани и за напластените социо-економски проблеми кои бараат ургентни решенија, некогашните милитантни националисти, персонифицирани преку поранешниот командант на ОНА Хашим Тачи и блискиот соработник на Слободан Милошевиќ, Ивица Дачиќ, ја одбраа вистинската насока - низ дијалог и компромис да се дојде до функционално (меѓу)решение до конечната позитивна разврска. Иако не се од пресудно значење, добрите услуги и балансираниот притисок на Брисел, потпомогнат и од Вашингтон и од Москва, во случајов имаа позитивно влијание врз формулирањето на позициите на двете засегнати страни во преговорите.

За жал, во нашиот случај просторот за оптимизам е многу потесен. Иако одговорите на двете страни на најновите предлози на посредникот Нимиц се во фаза на подготовка, посредните индикатори во Скопје, а особено во Атина, говорат дека многу тешко може да се очекува сериозен прогрес во преговорите. Во отсуство на кредибилни информации за содржината на пакетот, несериозен би бил каков било обид за анализа и влечење дефинитивни заклучоци. Сепак, и во вакви услови на „конструктивна таинственост“, од дозираните критички опсервации што се појавија во грчките медиуми (очигледно брифирани од властите), провејува негативниот/критичкиот став во однос на одредени понуди решенија. На тоа се надоврзува и критичкиот став кон после��ниот (меѓу)извештај на комесарот Филе, на кој се гледа како на проблем кој ќе треба да го амортизира грчката дипломатија.

За разлика од грчката влада/дипломатија, македонската одбра многу подискретен став, кој е разбирлив и во голема мера неопходен. Вклучувањето на јавноста барем досега не донесе нешто корисно за решавање на спорот. Напротив, уште повеќе го обремени и ги направи нефлексибилни преговарачките позиции на двете страни. Но, хроничните слабости кои се директен производ на отсуството на заедничка државна стратегија по ова прашање, поддржана од клучните партии во позицијата, но и во опозицијата, повторно изгледуваат на виделина. Првите пукнатини се јавија токму меѓу коалициските партнери во власта, најнапред преку колумната на лидерот на ДУИ во „Дневник“, а потоа преку реакцијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Манифестирањето на што е можно пошироко единство по ова прашање што е во директна корелација со реализацијата на нашите најважни стратешки цели, многу би ја подобрила нашата преговарачка позиција. Тоа не значи дека веднаш потоа ќе се реши спорот. Но, таквиот приод, заедно со конструктивната позиција која мора да се манифестира во одговорот до посредникот Нимиц заедно може да ги зајакнат нашите позиции, да придонесат да се прошири кругот на наши поддржувачи (во рамките на ОН, ЕУ и НАТО) и да се отапи острицата на критиките на оние националистички кругови во нашето непосредно соседство кои играат на картата на нашите внатрешни етнички и политички поделби.

П.С. Некако во сенка на спомнатите настани тече пристапниот дијалог на Црна Гора. Првите резултати се позитивни: започнат е скринингот на 23 од 33 поглавја, при што 6 се веќе завршени; преговорите за две поглавја од вкупно 35, веќе се затворени.

Сево ова, некако не ми оди во поткрепа на стереотипите за нашите соседи Црногорците, кои се потенцираат во многубројните вицеви, а меѓу нив и следниот. Влегол управникот на затворот во една ќелија и остро му забележал на затвореникот: „Зошто ти никогаш не стануваш да ми дадеш барем ронка почит кога влегувам?“. На тоа Црногорецот, со најневин израз на лицето одговорил: „Јас се извинувам, но мене судијата ми кажа дека ќе треба да одлежам две години!“.

(Авторот е поранешен дипломат)

Наш став



Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.


Статијата е прочитана 810 пати.


Испрати коментар



Не ни треба таква помош министре!
Што се крие во општинските каси?
Тиранијата на политичка економија



eu, 20.04.2013 10:22:21
eu nisto slabost ne pokazala tulu ima zakon na koncenzus samo avtorot zivee uste vo komunizmot i bara zaednicka nadvoresna politika na eu nesto kako yu a toa e nezvomozno posto vo eu ima demokratija sekoj ima pravo d akza i bara sto saka.
Dogovoricemo se, ali bice kako ja kazem!, 20.04.2013 23:15:45
Mnogu shtosevi imam slushnato za vrednite braca, no ovoj ne go pametam, a odlichen e! Sudejci spored se, sega nie ke bideme crnogorci, mada i Mujo i Haso ni se mnogu bliski i dragi. Inache, ne mislam deka srbite go reshile problemot so Kosovo, nego se samo pritaeni, pa po istiot recept verovatno i nie (ili grcite). So vremeto, kako provereno najdobar lek, mozno e i taka da ostane t.e. da se preboli, no zasigurno postoi ona *ali*!

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, 10°C

Делумно облачно

Вторник
Делумно облачно
Макс: 21°C, Мин: 9°C

Среда
Делумно облачно
Макс: 26°C, Мин: 9°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Вкусен агол
Бомбашите од Бостон планирале и други напади
Републиканците побараа одговори на прашањето дали ФБИ потфрлилo во истрагата за радикалните исламисти...
(ВИДЕО) Сто најдобри песни според „Ролингстоун“

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Ретровизор | Саботен магазин |