29.06.2012, 14:02 ВМРО-ДПМНЕ: Почна финалниот пад на Црвековски и Георгиевски
Според партијата, вчера се случило промовирање на една природна коалиција меѓу двајца луѓе кои имаат исти вредности и ист морал
Со вчерашната средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-Народна партија започна финалниот пад на Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, оцени денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, вчера се случило промовирање на една природна коалиција меѓу двајца луѓе кои имаат исти вредности и ист морал.
- Овие двајца луѓе се лицето и опачината на сите падови на духот и моралот кај сите граѓани на нашата земја. Овие двајца се лицето и опачината на сета болка и разочарување кај граѓаните од политичарот и вулгаризирање и спротивност, на се она што еден политичар треба да го претставува, морален и одговорен човек, кој работи за граѓаните и државата, истакна на прес-конференција Зоран Ставрески, член на Извршниот комитет на партијата.
Тој нагласи дека овие двајца политичари се директно одговорни за сите стратешки грешки во минатите 20 години и оти таа одговорност никогаш нема да биде заборавена од страна на граѓаните.
- Вчера на едно место ги видовме сите оние луѓе, кои политиката единствено ја гледаат како алатка за свое лично богатење. Коалиција на интерес. И тоа не партиски, туку чисто личен. Со единствена желба да се дојде на власт и ништо повеќе, рече Ставрески, додавајќи дека од денес започнува политичка борба меѓу два концепта за Македонија.
Едната, рече Ставрески, онаа на Љубчо и Бранко, од времето на транзицијата, од времето на шверцовите на нафта, цигари, од времето на мрачната приватизација во која 200 илјади луѓе останаа без работа, од времето на менувањето на името, менувањето на знамето, од откажувањето од македонските малцинства во соседните земји, од идеите за поделби на државата, но и на територијални организации, а другата е онаа Македонија која што се бори со макотрпна работа за својот прогрес, за својата иднина, која што е трудољубива и која што е принципиелна.
На вчерашната средба, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, не биле одговорени многу работи. - Само слушнавме дека разликите ги оставиле на страна. Тие можат колку сакаат разликите да ги оставаат на страна, но народот нема да ги остави нив на страна. Туку ќе им покаже и тоа директно и недвосмисено каде им е местото, и дека не ги прифаќа овие демагогии, и вакви бизнис коалиции, рече Ставрески, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со проекти и реформи за доброто на граѓаните.
- Остануваме посветeни на реализација на проектит�� и реформите и она што ќе донесе подобар живот за граѓаните. Убедени сме дека со оваа коалиција дефинитивно изборите ќе ги добиеме и тоа убедливо, потенцира Ставрески на денешната прес-конференција во Прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ. |