01.04.2012, 19:41 Заврши процесот на денационализација
Министерот за финансии Зоран Ставрески минатиот викенд гордо објави дека процесот на денационализација во Македонија е завршен. Во првостепена постапка биле решени над 30.000 предмети, а од 2001 година досега, на оние сопственици на кои не постоеле услови да им се вратат имотите, им биле издадени обврзници во вредност од 301 милион евра. Досега се завршени емисии на обврзници од 291 милион евра.
„Со денационализацијата им се исправи неправдата на околу 500.000 граѓани, на кои им беа одземени имотите. Над 15.000 предмети се решени во последниве 5 години. Во последниве 2 години беа решени најобемните и најсложените барања за денационализација“, изјави Ставрески.
Процесот на поднесување барања за денационализација почна во мај 2000, а заврши во декември 2007, откако Владата го продолжи рокот поради големиот интерес. Сепак, за доработка остануваат уште 10 отсто, или околу 3.000 барања за денационализација. Тоа се веќе донесени решенија за кои барателите поднеле жалби или се во постапка пред Управниот суд. (Ек.Р.) |