24.10.2012, 15:04 Комеморација за режисерот Цветановски на ФДУ
Театарскиот и филмски режисер Владе Цветановски вчера ненадејно почина на 53 години, a беше долгогодишен професор по актерска игра на ФДУ
Факултетот за драмски уметности денеска одржа комеморација за театарскиот и филмски режисер Владе Цветановски, долгогодишен професор по актерска игра на ФДУ, кој вчера ненадејно почина на 53 години.
Деканот Лазар Секуловски рече дека ФДУ загубил искрен, скромен, човечен и енергичен човек, кој посветено и со ентузијазам им приоаѓал на сите свои претстави и студенти. Актерката и професорка на факултетот Мими Таневска рече дека Цветановски бил отворен и полн со разбирање, скаран со суетата и дека било задоволство да се биде негов соработник и во публика на негова претстава.
Последната негова премиера беше „Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот“ која Драмски театар-Скопје ја изведе минатата недела. Во мај оваа година Цветановски постави премиера и во Македонскиот народен театар - „Животот е сон“ по текстот на Калдерон дела Барка.
Цветановски е роден 1959 година во Слоештица, Демир Хисар. На Филозофски факултет во Скопје апсолвирал историја на уметноста и археологија (1980). Дипломирал на отсекот за интермедијална режија на Акедемијата за уметностите во Нови Сад (1983), во класата на професорот Боро Драшковиќ.
Во текот на својата интензивна, исклучително успешна, безмалку тридецениска кариера, Цветановски режирал шеесетина претстави за кои освоил 12 најугледни професионални награди во Македонија и во странство.
Погребот на Цветановски беше извршен денеска на Градските гробишта Бутел. |