25.10.2012, 09:56 „Животот е сон“ во чест на режисерот Цветановски
Вечерва во МНТ во чест на Владо Цветановски ќе биде изведена неговата претстава „Животот е сон“, а влезот за посетителите е слободен
Во чест на режисерот и професор на ФДУ Владо Цветановски, кој завчера почина ненадејно, во Македонскиот народен театар вечер ќе биде изведена неговата претстава „Животот е сон“ по текст на Калдерон дела Барка.
Претставата е последна премиера што Цветановски ја постави на сцената на МНТ, на 6 мај оваа година.
- Со овој чин ансамблот на Македонски народен театар сака да ја изрази својата бескрајна благодарност и почит кон проф.Владо Цветановски и кон неговото творештво со кое остави неизбришливи траги во македонскиот театар и еден од режисерските стожери на МНТ, соопшти Македонскиот народен театар.
Влезот за посетителите е слободен.
Последната премиера Цветановски ја постави во јули на Фестивалот на античка драма во Стоби - „Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот“ по текст на Јордан Плевнеш. Од минатата недела таа е на репертоарот на Драмски театар-Скопје. |