24.10.2012, 13:42 Изложба и дебата во Национална галерија
Вечерва ќе биде отворена изложбата „Простор за протест“на Сашо Станојковиќ, а ќе се одржи и јавната дебата „Протестирам, значи постојам“
Под наслов „Простор за протест“ вечерва во Националната галерија на Македонија, во 19 часот ќе биде отворена четвртата самостојна изложба на Сашо Станојковиќ, која е базирана врз истоимен истражувачки, интердисциплинарен и партиципативен проект во кој главните учесници се т.н. „жртви на транзицијата”.
Станува збор за стечајните работници кои беа прогласени за технолошки вишок и беа отпуштени од работа без надомест или каква било а��тернативна работа. Основните теми со кои се занимава долгорочниот проект кој се реализира 2007-2012 година се правото на работа и феноменот на протест во јавен простор, особено кога правото на работа е попречено од различни причини. Уште од 2007 година, при крајот на реализацијата на својот претходен проект „Правдата во фокус“, Станојковиќ почнал да ја следи судбината на стечајните работници кои поттикнати пред се од сиромаштијата, повеќе од една година протестираа во камп поставен од нив во јавниот простор на паркот „Жена борец“ (04 март 2007 – 15 јули 2008). Проектот „Простор за протест“ ќе биде претставен како инсталација со шест видео проекции и една звучна инсталација, а најзин кустос е Маја Крстевска. Во рамки на отворањето на изложбата, со почеток во 19.30 часот ќе се одржи и јавна дебата на тема „Протестирам, значи постојам“ со која ќе модерира Жарко Трајаноски, експерт за човекови права. Ќе учествуваат и Здравко Савески - Универзитет ФОН, Суад Мисини - Истражувачки центар за граѓанско општество, Тоше Зафиров - „Прогрес“- Институт за социјална демократија, Ирена Цветковиќ - Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Лилјана Георгиевска - Здружение на стечајни работници „Унир“ и Александар Гочев - Граѓанска иницијатива „Аман“. (К.Б.)
|