25.10.2012, 12:50 „Куќичка“ на Оливера Николова, македонски претставник за „Балканика“
а книжевната награда „Балканика“, која ќе се одржува од 6 до 9 декември во Бугарија, пристигнале осум македонски наслови
Тина Иванова
Реномираната писателка Оливера Николова е годинашна претставничка од Македонија за престижната награда „Балканика“ со својот роман „Куќичка“. Ова денеска на прес-конференција го соопшти жири-комисијата за „Балканика“ предложена од издавачката куќа „Магор“, во состав: Елизабета Шелева, претседател и Александар Прокопиев и Владимир Мартиновски, членови.
Годинашното издание на „Балканика“, во која се вклучени седум држави-членки, и чија идеја потекна токму од Македонија, поточно од Охрид во 1996 година, ќе се одржува од 6 до 9 декември во Велико Трново, Бугарија. За избор на македонски претставник за меѓународната книжевна награда за 2011 година биле пријавени осум наслови, од кои во најтесниот круг влегле делата: „Куќичка“ на Оливера Николова, во издание на „Блесок“, „Лифтот (не) е за двајца“ од Христо Петрески, во издание на „Феникс“, и „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска-Анѓелков, во издание на „Или-или“. Жирито, како што соопшти, едногласно ја донело одлуката наш претставник за „Балканика“ да биде романот на Оливера Николова.
„Оливера Николова е веќе потврдено и почитувано име во нашата современа проза која во континуитет и со ретко видена творечка доследност се впушта во костец со помалку застапените, а сепак невралгични искуства на современиот човек“, се вели во образложението на жирито. „Во секое дело таа одбира нов фокус на својот авторски интерес, длабоко понирајќи во најсуптилните духовни состојби на ликовите. Особено треба да се подвлече нејзиниот придонес во расветлувањето на досега недоволно истражената природа и релации меѓу поставените женски ликови кон кои пристапува автентично, поткрепена, пред се', од личната родова припадност“.
Романот од Николова, вели жирито, се издвојувал од другите според својата естетска заокруженост, стилски квалитет, тематска актуелност и суптилно осмислените наративни стратегии.
Писателката Оливера Николова рече дека овој избор ја потврдува нејзината намера во делото, односно има некоја потврда за она што сака да го пишува. „Не знам што да кажам, освен тоа дека треба да се прочита романот. Се работи за актуелна тема. На прв план, тоа е вината, која варира. Романот има и одгласи од современоста, која е направена можеби без дистанца, но ќе видиме каков пат ќе има“, истакна Николова.
„Куќичка“ е седми роман на Николова. Станува збор за потресна приказна за голем број карактери, од кои централниот лик, Зујка, е стожер на целото сиже. Авторката умешно и инвентивно „манипулира“ со својот главен лик, воведувајќи невообичаена книжевна постапка, при што на моменти Зујка добива атрибути на кукла на конец. Сепак, вештината на раскажувањето од Зујка прави полнокрвен лик кој на свои плеќи го носи целиот роман. Оваа жена има тешка и потресна судбина, која на разни начини е поврзана со судбините на нејзините блиски...
Оливера Николова (1936) е раскажувач, романсиер и драмски писател за возрасни и за деца. Зад себе има богато творештво, како што се „Зоки Поки“, прозата за деца (1963), „Земјата во која никогаш не се стигнува“, повест за деца (1965), „Чук, чук Стојанче“, пиеса за деца (1976), „Девојките на Марко“, роман (1987), „Вежби за Ибн Пајко“, роман (2000), „Куклите на Росица“ (2006) која ја доби наградата „Роман на годината“ за 2006 на „Утрински весник“ итн.
Инаку, досега наградата „Балканика“ ја понеле двајца македонски писатели - Венко Андоновски за „Папокот на светот“ во 2001 година и Александар Прокопиев за „Човечулец“ во 2012 година. |