24.10.2012, 14:18 Во духот на Мајлс Дејвис, крајот го красеше „Скопски џез-фестивал“
Годинашното, 31. издание на СЏФ заврши со концертите на „полскиот Мајлс Дејвис“, трубачот Томаж Станко и на ѕвездениот американски бенд „Мајлс Смајлс“
Тина Иванова
Во духот на најголемиот џез-музичар на сите времиња, трубачот Мајлс Дејвис, заврши ова годинешно, 31. патување на „Скопски џез-фестивал“. Завршницата го красеше делото. Американскиот секстет „Мајлс Смајлс“ составен од врвни музичари, сите на некој начин поврзани со легендата Дејвис, со овации беа испратени прексиноќа од сцената на Универзална. Со оглед на имињата кои членуваат во овој состав, експлозивната „свирка“ беше очекувана, како што беше предвидлива и посетеноста.
Голем број љубители на џезот, фанови на Мајлс Дејвис, ја наполнија Универзална сала и уживаа во извонредната атмосфера што ја приреди овој ѕвезден бенд составен од Валас Рони на труба, единствениот ученик на Дејвис, Џои Дифранческо на „хамонд“ органа, кој благодарение на Мајлс ќе излезе од сенката, Рик Маргица на саксофон и гитаристот Лари Кориел кои снимија извонредни сесии со култниот трубач, тапанарот Омар Хаким, ветеранот од „Ведер рипорт“, кој се појавува на историските албуми на Дејвис „Туту“ и „Амандла“. Иако беше најавен, во Скопје не дојде ѕвездата Дерил Џоунс, басистот на Стинг, а во последно време и на рок-легендите „Ролинг стоунс“, но неговата замена, бас-легендата Ралф Армстронг, кого од публиката со право го нарекоа „ѕвер“, може да се каже дека ја имаше улогата на бенд-лидер. Инаку, тој гостуваше во Скопје пред неколку години заедно со саксофонистот Џејмс Картер.
Вистински фраери беа момците од „Мајлс Смајлс“. Сите од бендот се истакнаа во своите вештини карактеристични за музичари со голем багаж зад себе, односно пленеа во нивните сола. Импресивна беше и заемната енергија и комуникација што ја имаа на сцената, а која се преслика и меѓу присутните. Нивното богато искуство ни го донесе духот на Мајлс Дејвис. Силно се чув��твуваа неговите познати музички карактеристики, особено од периодот на „фјужн“ времето од 70-тите и 80-тите години на минатиот век, кога тој го „електрифицираше“ џезот и кога собираше врвни имиња околу себе.
Скопје ја имаше ретката чест да биде домаќин на најдрагите соработници на големиот Мајлс, и овој концерт на моќна музика ќе остане запаметен. Всушност, ова беше и највпечатливиот настан од годинашниот „Скопски џез-фестивал“, кој годинава понуди помалку позната програма за шарената публика, но мошне интересна и квалитетна, се разбира.
Вчеравечер уште едно име во некоја рамка врзано за Мајлс Дејвис, го означи почетокот на крајот на 31. СЏФ. Трубачот Томаж Станко, познат како „полскиот Мајлс Дејвис“ настапи со својот квартет пред „Мајлс Смајлс“, и тоа беше убав вовед во она што потоа се случуваше. Станко и неговата придружба понудија типично европско гледање на американскиот џез. Нивната музика беше добро спакувана во она што се нарекува традиционален џез, значи немаше некои изненадувања во формално-хармонска смисла, но создадоа убава, топла атмосфера. Особено питката труба на Станко, кој елегантно ги носеше темите и им ги препушташе на останатите, за повторно со скриена тензија да им се наврати и да им го даде неопходниот шмек.
|