09.10.2012, 18:27 Студентите избираат нов лидер
Како и на сите претходни студентски избори, и овој пат се присутни обвинувања дека политиката вмешала прсти
Горан Адамовски
Кирил Спироски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Шевал Нуредин од Економскиот и Трајче Митрев од Стоматолошкиот се тројцата кандидати меѓу кои ќе се бара новиот студентски лидер. Околу 50.000 студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ имаат право да гласаат на денешните избори и да го одберат наследникот на Иван Живковски. Вообичаено, и сега гласни се шпекулациите дека политиката вмешала прсти (иако ниту еден од нив немал партиска книшка), а студентските организации имаат низа поплаки околу начинот на кој се врши изборниот процес.
На распишаниот повик се пријавија петмина кандидати, изборната комисија одби двајца од нив. Останатите тројца ги исполниле условите што пропишува Статутот на СПУКМ: да бидат студенти со завршен најмалку четврти семестар, да добијат поддршка од пет матични парламенти, од една третина од вкупниот број пратеници во СПУКМ, или 3.000 потписи од студентите.
Од Младинскиот образовен форум (МОФ) укажуваат дека станува збор за преголема бројка на потписи од студенти која се бара за кандидирање, особено ако се земе предвид фактот дека на студентски избори на УКИМ одѕивот е мал и не изнесува повеќе од 7.000-8.000 студенти.
„Интересно е и да се напомене дека сите тројца кандидати чии кандидатури беа прифатени ги имаат одбрано првите два начина, односно поддршка од матични парламенти и поддршка од делегати, а никој не се обидел да собира потписи од студентите и да ја провери поддршката која ја ужива меѓу нив“, реагираат од МОФ.
Кандидатите ветуваат подобар студентски стандард и услови во домовите, поголеми права, бесплатен превоз од домовите до факултетот, картички за попуст... Некои од нив го ставија акцентот на зголемување на државната квота, други соработката со приватниот сектор и поголем процент практична настава.
Во пресрет на изборите, стотина студенти протестираа пред Студентскиот парламент поради, како што тврдат, мешање на политиката во студентските избори. Според нив, кандидатот кој ја имал вистинската поддршка од студентите е избришан од списокот, а поминале кандидати што се политички поддржани. Актуелниот претседателот на Студентскиот парламент, Иван Живковски, тврди дека кандидатот сам си ја повлекол кандидатурата, бидејќи сметал дека не исполнувал услови. Се побара и одговорност од досегашниот лидер поради политизацијата и монополизирањето на парламентот, а тој, пак, ги обвини демонстрантите собрани од новоформираниот „Студентски отпор“ дека се партиски обоени.
Од МОФ се жалат и на игнорантскиот однос од Изборната комисија, иако се обидувале да ги контактираат со цел да добијат информации за текот на кампањата, кандидатурите, составот на комисијата, како и за изборниот правилник. На крајот, од МОФ предлагаат реформирање на постојниот систем ма студентско организирање, односно вклучување на останатите студентски организации кои дејствуваат на Скопскиот универзитет (ЕЛСА, АЕГЕЕ, ИАЕСТЕЕ...) наспроти монополот на Студентскиот парламент.
На денешните избори ќе победи оној што ќе собере најголем број гласови, без оглед колкав е одѕивот на студентите. |