11.01.2013, 14:30 Нимиц ќе му рапортира на Василакис
Медијаторот по средбите во Скопје ќе замине во Солун каде ќе го пречека преговарачот Василакис за да му ги пренесе информациите од разговорите во Македонија
Медијаторот Метју Нимиц по средбите во Скопје ќе замине во Солун каде ќе го пречека преговарачот Адамантиос Василакис за да му ги пренесе информациите од разговорите со државниот врв во Македонија. Овој невообичаен потег на медијаторот е сигнал дека разговорите не биле само форма и дека во Грција постои вистинска заинтересираност околу ставовите на Македонија. И во изјавата, дадена по средбата со премиерот Никола Груевски, Нимиц искажа поголем оптимизам од вообичаено и најави дека планира да ги интензивира средбите во Њујорк и со доаѓање во регионот. Него�� впечаток беше дека преговорите почнуваат да се придвижуваат кон решение, односно дека по дваесет години преговори гледа можност да се постине тоа.
„Дадов идеи и добив реакции. Постои зголемен интерес за да се реши проблемот. Охрабрен сум и ќе ги забрзам преговорите. Целта е да се најде формула која ќе биде прифатлива и за Владата и за народот и за Атина. Сегашниот прогрес значи приближување кон таа формула. Секоја страна веќе подобро ги разбира ставовите на другата страна, што исто така е прогрес. Одиме во вистински правец изјави медијаторот. (С.Ј.) |