01.04.2012, 20:10 Армискиот врв во Кабул
Министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котевски отпатуваа во Кабул, во работна посета на македонскиот армиски контингент кој дејствува во рамките на мултинационалните сили за поддршка на безбедноста во Авганистан (ИСАФ). Министерот Бесими и гене��ал Котевски, како што јави известувачот на МИА, ќе имаат средба со војниците од 21. ротација македонски мировници во оваа земја и детално ќе се запознаат со нивните обврски и со условите во базата во Кабул.
Министерот Бесими ќе има и средба со командантот на ИСАФ и на американските војници во Авганистан, генералот Џон Ален, со Јержи Виецлав, директор за политика и помошник на најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, како и со командантот на Регионалната команда-Капитол, бригадниот генерал Ѓозкаја.
Посетата на македонска делегација на Авганистан се реализира по најновото зголемување на учеството на АРМ во составот на мултинационалните сили во оваа земја. Македонската армија од минатиот месец дополнително го зајакна своето учество во ИСАФ со петчлен мобилен тим за обука на авганистанската армија во Школата за воена полиција во рамки на Мисијата на НАТО за обука во Авганистан, јави МИА. |