01.04.2012, 20:13 Поглед
И шегите не се тоа што беа...
Гордана Дувњак
Ветрот и студеното време ја одложија првоаприлската журка и им го расипаа расположението на многуте дечиња маскирани во принцези, пирати, величествени... Но, тоа не им пречеше многу на интернет-медиумите да ��е пошегуваат со своите читатели по повод Први април - денот на шегата. И по обичај, крајот на веста да ја завршат со зборот: априлилилииииии...
Еден портал пренесе за катастрофална глетка на градскиот плоштад, каде што поради силниот ветар паднала главата на воинот на коњ. Студенски портал, пак, напиша дека ќе се руши Самоиловата тврдина и ќе се изгради уште понова. Владата се откажала од трошење пари и ќе им подарела на секој од студентите со просек над 6 по еден ајпад. Некој објави дека ќе се намалеле цените на бензините за еден денар, а други пак, отидоа дотаму што ги „зацементираа“ на 40 денари.
Посебна цел на шегобијците беше лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски. Некои едвај дочекаа да објават дека тој конечно се повлекува од политика, бидејќи сакал пензионерските денови да ги помине мирно. Имаше и такви кои се мајтапеа дека смртно се уплашил по веста за предвремени локални избори.
Не го заборавивме и нашиот нов мексикански пријател Карлос Слим со кого заедно „тежиме“ 71 милијарди евра (69 негови и 2 милијарди евра девизни резерви наши). Ќе откупел половина од грчкиот долг, како замена за решавање на спорот со името. Србите би рекле „Што се баби снило“!
А во бизарноста најдалеку отиде еден портал, кој се повика на првоаприлската шега дека починала Ангела Меркел, па дури објави и некролог.
Сепак, и светските медиуми го констатираа она што го знае секој од нас. Од година во година се' помалку се шегуваме. Не ни е до шега, или шегите одамна станаа вистина. |