Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Спорт
01.04.2012, 17:18

Дивац - И го сакав и не го сакав Панчев

„Даре, те сакав како фудбалер, но не те сакав кога ќе му дадеше гол на Партизан“, му се обрати кошаркарскиот великан

Миодраг Мицковиќ

Владе Дивац беше во центарот на вниманието за време на својот дводневен престој во Македонија како гостин на Македонскиот олимписки комитет на свечената академија по повод 20-годишнината од формирањето. Претседателот на Олимпискиот комитет на Србија постојано беше опкружен од љубителите на кошарката и, воопшто, на спортот во Скопје. По завршувањето на свечениот дел од академијата, не можеше да крене глава, сите сакаа да имаат фотографија со него. Светкаа блицеви на сите страни. Како што ни кажа фоторепортерот на МОК, таа вечер има снимено повеќе од 400 фотографии на поранешната НБА-ѕвезда со неговите обожаватели.

„Не знаев дека сум толку популарен во Македонија“, се шегуваше еден од најдобрите кошаркари на Србија и на поранешна Југославија. „Секогаш кога играв во дресот на Партизан против Работнички и МЗТ Скопје се чувствував пријатно во вашиот град, каде што имам многу пријатели од кошаркарските денови кога бев играч“.

Иако се брзаше истата вечер со автомобил да се врати во Белград, бидејќи веќе наредниот ден, в сабота во 8 часот, требаше со авион да замине за Њујорк, непланирано остана уште еден час во големата сала и потоа во фоајето на хотелот „Холидеј ин“ за да се фотографира речиси со сите и да подели безброј автограми.

„Не знам што да кажам. Од Белград до Скопје тој возеше, па не верувам дека ќе ми дозволи да возам и на враќање, иако е цел ден на нозе поради преполната агенда. Немаше ни минута одмор“, раскажуваше генералниот секретар на ОКС, Ѓорѓе Височки.

„Нема проблем. Ќе спијам и ќе се одморам во авионот целиот пат до Њујорк. Навикнат сум веќе на вакво темпо во мојот живот“, со насмевка додаде Дивац.

Беа интересни и исполнети со шеги неговите средби со познатите македонски спортисти и тренери. Најмногу со Дарко Панчев и со Лазар Лечиќ.

„Што е? Пак сте двајцата против мене, како во времето кога играв против Партизан“, се шегуваше Панчев во разговорот со Дивац и со поранешниот фудбалер на Партизан, Вујадин Станојковиќ. „На теренот, кога играа Црвена звезда и Партизан, ме чуваа по двајца фудбалери, па и тука глава не можам да кренам од вас партизановци“.

„Даре, морам да ти признаам, те сакав како фудбалер, без оглед на тоа што играше во противничкиот табор. Беше вистински мајстор. Но, не те сакав кога ќе му дадеше гол на мојот Партизан“, не му остана должен Дивац, потсетувајќи се на тие дерби средби во Белград меѓу лутите ривали.

Кога се доделуваа статуетките на новите великани на македонскиот спорт, меѓу кои беше и тренерската кошаркарска легенда Лазар Лечиќ, Дивац стана од столчето и сакаше лично да му ја предаде во знак на голема почит кон популарниот Грк. Но, пред да му ја врачи, Лечиќ нешто му кажа и живо не' заинтересира за што ли стана збор.

„Му реков: ’Владе, не се качувај на подиумот, сакам барем еднаш во животот да бидам повисок од тебе‘. Се насмеа, не се качи, но, за жал, и во таква позиција пак беше повисок од мене. Одамна не сум пораснал ниту сантиметар. Не знаев дека и статуетката е многу тешка, околу 8 килограми, за малку ќе ми испаднеше од рацете“, се жалеше Лечиќ.

Владе Дивац не' потсети на своите јуниорски денови, кога играше за Слога од Кралево и кога тогашниот тренер на Работнички, Лазар Лечиќ, го убедуваше да дојде во Скопје, но Партизан беше побрз и со подобра финансиска понуда.

„Каде ќе ни беше крајот ако Дивац играше за Работнички?“, со тага зборуваше Лазо.

„Сакав да играм против Лазо, и кога беше тренер на Работнички и тогаш кога седеше на клупата на Олимпија. Со него на паркетот - па тоа беше спектакл“, со насмевка говореше Дивац. „Никогаш не се знаеше каков потег ќе повлече“.

Во големата мешаница беше невозможно да се направи ни кус разговор со ѕвездата на вечерта. Единствено што успеавме да извлечеме од него, а тоа многумина ги интересираше, е да ни каже кој е според него најдобриот спортист на Србија, односно дали смета дека тоа е Владе Дивац.

„Не, јас навистина имав блескава кариера, но, сепак, спортист на Србија на сите времиња, барем досега, е Новак Ѓоковиќ. Неговите резултати се за почит. Јас играв колективен спорт, а тој е сам на теренот. Видовте што направи на тениските терени“, ни одговори тој. „Србија во последниве години постигна големи резултати не само во тенисот, туку и во ватерполото, во одбојката, во машкиот ракомет. Државата финансиски многу помага“.

Дивац не пропушти да им честита на македонските спортисти за последните успеси во колективните спортови.

„Морам да кажам дека Македонија постигна одлични резултати во кошарката и во ракометот. Навивав за вас во Белград и во Литванија. Македонија отсекогаш имала одлични кошаркари, почнувајќи од мојот голем пријател Благоја Георгиевски, потоа Драган Радосавлевиќ, Јанко Луковски, Петар Наумоски, Владимир Боцевски и да не ги набројувам играчите од сегашната генерација. Браво!“.

На крајот, беше мошне трогателна средбата меѓу Владе Дивац и еден од најдобрите фудбалери на Македонија на сите времиња Кирил Дојчиновски, кој во инвалидска количка дојде да се види и да се поздрави со големиот кошаркарски ас.


Статијата е прочитана 8295 пати.

Испрати коментар



Загина судијата Велјановски
Кираџиева со државен рекорд во полумаратон
Јаковенко европски првак, Недев 173.
Ивановски јунак на Вардар и против Брегалница
Нови 11 великани на македонскиот спорт
„Јагулата“ Мусамбани пак во базен
Барса и Реал во ритам
Титулата во Мајами за Радванска
Охрид повторно без тренер
МЗТ Скопје и Фени на чекор до финалето од плејофот



Istocna Makedonija, 02.04.2012 10:49:19
Toa e bogatstvoto na sportot!Sredbi na svetski sportski asovi kako Vlade Divac i Darko Pancev. I trogatelnite sredbi,kako onaa so legendarniot Kire Dojcinovski se nezaboravni!Sportot nema granici i go obedinuva svetot!

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 21°C

Претежно облачно

Сабота
Обилни врнежи
Макс: 21°C, Мин: 6°C

Недела
Обилни врнежи
Макс: 18°C, Мин: 1°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |