01.04.2012, 17:13 Охрид повторно без тренер
Миодраг Мицковиќ
Трет пат сезонава охридскиот фудбалски прволигаш остана без тренер. Шефот на Стручниот штаб, Горазд Михајлов, си замина од клубот во кој, практично, ништо не функционира. Играчите и тренерите веќе неколку месеци немаат примено плата, а раководството на клубот, на чело со претседателот Гоце Малезан, само ветува, но од тоа нема ништо. Беше ветено ��ека ќе се замине на зимски подготовки во Бугарија, дека ќе биде набавена нова опрема, дека играчите редовно ќе бидат исплаќани, но од сите тие силни ветувања не остана ништо. Не е платено ниту здравственото осигурување за играчите во овој период. За клубот практично никој не се грижи.
На мечот со Напредок во Кичево минатата среда Охрид немаше свој претставник кога се пополнуваше записникот пред средбата. Среќа што економот ги носеше со себе спортските легитимации, бидејќи малку требаше овој натпревар да се загуби со службен резултат. Во Кичево не дојде ниту еден од првите луѓе на клубот.
Колку се грижи раководството за играчите, најдобро говори и овој пример: играчот од Словенија, Марко Јакопич, беше потешко повреден, ја скрши ногата на еден тренинг, но за овие месеци додека се лекуваше, освен тренерот и неговите клупски другари, не го посетија ниту в болница ниту кога беше на домашно лекување. Едноставно, заборавија на него.
„Доста е веќе“, вели досегашниот тренер Михајлов. „Не сум навикнат вака да работам. Додека бев тренер на Исланд, ниту еднаш не сум размислувал дали играчите ќе примат плата на време, дали ќе има доволно опрема, каде ќе се оди на подготовки, дали играчите имаат што да јадат. Во Охрид се судрив со неверојатни проблеми, со луѓе кои не можат финансиски да го одржуваат клубот, но не сакаат да си одат, иако целиот град тоа го бара од нив. Жал ми е за играчите, неколкумина се од странство, кои се ангажирани по моја препорака, а сега менаџерот сака да ги повлече и да ги одведе во други клубови, бидејќи сфати дека во Охрид нема услови. Тоа нема да му биде тешко, бидејќи, според прописите на ФФМ, лесно ќе добијат раскин на штета на клубот, со оглед на тоа дека ништо не им е платено според договорот. Ако итно не се решат сите овие проблеми, на Охрид му претстои неизвесна битка за опстанок“. |