01.04.2012, 17:20 Ивановски јунак на Вардар и против Брегалница
Фудбалерите на Вардар се извлекоа на средбата со Брегалница во саботата во Ѓорче Петров, кога славеа со 2:1. Повторно ги спаси, кој друг ако не Филип Ивановски, и тоа со гол во втората минута од судиското продолжение. Вардар, чиј тренер Илчо Ѓорѓиоски одмараше неко��ку првотимци за полуфиналната средба во Купот на Македонија в среда, долго се мачеше со борбените штипјани. Поведе со голот на Оса од пенал, израмни Митрев и кога се чинеше дека едниот бод ќе замине за Штип, Ѓорѓиоски го уфрли во игра Ивановски во 75. минута и се покажа вистински потег.
„Пола од титулата што ќе ја освои Вардар му припаѓа на Филип Ивановски, кој со своите голови му донесе многу бодови“, коментираше по средбата шефот на Стручниот штаб на Брегалница, Гордан Здравков. „За разлика од Вардар, кој постојано го служи среќа со головите во судиското продолжение, ние ја немаме, бидејќи на средбите со Шкендија, со Металург и еве сега со ’црвено-црните‘ примивме голови во судиското надополнување на времето“.
Сензација на саботните средби од Првата лига приредија играчите на веќе отпишаниот 11 Октомври, кои во Скопје ремизираа 1:1 со Работнички. Третиот меч меѓу Ренова и Тетекс исто така заврши без победник, но и без голови. (М.М.) |