01.04.2012, 19:45 Замина мајсторот на архитектурата
Борис Чипан 1918 – 2012 - Печат со неговото име носат многубројни објекти низ Македонија меѓу кои и зградата на МАНУ
Билјана Ангеловска
Македонското градителство остана посиромашно за еден голем архитект. Завчера почина доајено�� на современата македонска архитектура, Борис Чипан. Имаше 94 години. Заслугата во создавањето многубројни генерации дипломирани архитекти, неговата творечка активност, како и огромниот труд вложен во заштитата на изворниот архитектонски израз го прават Чипан траен авторитет на повоената архитектура. Неговото име ќе остави траен печат на периодот во кој се создаваше, зрееше и се развиваше домашниот архитектонско-градежен израз.
Борис Чипан е роден е во Охрид. Татко му бил кројач, а мајка му домаќинка. Неговата љубов кон архитектурата лесно го водела низ студиите на архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград, каде што дипломирал во 1941 година, по што се вработил во Проектантското биро за нови железнички линии во Софија. Но, таму останал само една година, за да се врати во родната Македонија и да се префрли на работа во техничкиот оддел при обласната служба во Битола. Во периодот од 1944 до 1945 година бил на ослободената територија на Пехчево, каде што како инженер во војската бил одреден да гради мостови. Во текот на својата плодна кариера менувал повеќе работни места. Работел на урбанизирање на селски населби, во Министерството за градежништво, а во тогашниот Градски народен одбор бил задолжен за архитектура и урбанизам. Во 1949 година бил поставен за прв директор на штотуку формираниот Завод за заштита на културно- историски споменици, а подоцна почнал хонорарно да предава на Техничкиот факултет во Скопје. Во 1969 година бил назначен за редовен професор на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, каде што го дочекал и пензионирањето.
Неговиот творечки ангажман бил насочен, пред се', кон конзервација на објектите од градителското наследство. Но, со не помала љубов и посветеност се занимавал и со проектирање и публицистика. Извршил конзервација на античкиот град Стоби, на Даутпашиниот амам и на Куршумли-ан во Скопје, потоа на црквите „Св. Софија“ во Охрид и „Св. Пантелејмон“ во Нерези во Скопје.
Печат со името на Борис Чипан носат многубројни објекти низ Македонија. Пред се', објектот на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје (МАНУ), главната автобуска станица во Скопје, судските згради во Штип, Велес и во Битола, студентското летувалиште на Феријалниот сојуз во Охрид, Заводот за социјално осигурување, исто така во Охрид, фабриката „Фротирка“ во Делчево, како и многубројни колективни станбени згради и индивидуални куќи во Охрид со карактеристична историска архитектура.
Борис Чипан е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди. Меѓу позначајните се двете награди за животно дело „7 Ноември“ и „11 Октомври“, за објектот на МАНУ ја доби наградата „Борба“, а носител е и на една од најпрестижните домашни награди „Андреја Дамјанов“ што ја доделува Сојузот на архитекти на Македонија. |