01.04.2012, 19:46 Иванов во Охрид се сретна со Кагаме
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов вчера во Охрид го прими шефот на африканската држава Руанда, Пол Кагаме. Како што соопшти Кабинетот на Иванов, двајцата претседатели, кои прв пат остваруваат билатерална средба, изразиле заемно задоволство што петтиот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој за првпат се одржува во Охрид. Одржувањето на конференцијата со еминентни учесници, според Иванов, е своевидно признание за Македонија, која многу вложува и е силно посветена на развојот на информациските технологии и информатичкото општество, кои денес се нераскинливо поврзани со економскиот развој, но и со севкупните општествени текови. Претседателите се согласиле дека односите меѓу двете земји, и покрај отсуството на редовен политички дијалог, сепак се карактеризираат со висок степен на почитување и пријателство.
Тие размениле информации и за актуелните политички и економски состојби во двете земји, стратешките интереси и определби, како и регионалните состојби. Претседателот Иванов истакнал дека Македонија, покрај стратешките приоритети за интеграција во Европската унија и НАТО, негува интерес и подготвеност за унапредување на соработката со земјите од Африка, следејќи го принципот за отвореност кон сите, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот. Двајцата соговорници се заложиле во наредниот период да се утврдат можностите за билатерална соработка, како и за заемна поддршка и соработка меѓу Македонија и Руанда на мултилатерален план. (МИА) |