20.06.2011, 19:33 Интервју
10 прашања
Јоанис Армаколас
Професорот по компаративна политика на Југоисточна Европа и шеф на истражувачкиот оддел за „Трансформација на Балканот“ на Хеленскиот центар за европски студии, Јоанис Армаколас, зборува за влијанието на економската криза врз преговорите за името, за менувањето на менталитетот во двете земји и во регионот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Во која насока ќе се движат билатералните односи меѓу Скопје и Атина сега, по изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и менувањето на шефот на грчката дипломатија?
Би било прерано да се говори со сигурност што може да се очекува. Меѓутоа, сметам дека нема да има големи промени од грчка страна во однос на спорот по изборите и тоа од две причини. Првата причина е дека Грција целосно се занимава со економскиот проблем и со тоа како ќе се извлече од кризата. Поради тоа тешко дека ќе најде доволно енергија и нови идеи за да вложи политички капитал и сериозно да се занимава со друго големо прашање. Втората причина поради која сметам дека нема да има промени на грчките позиции е поради тоа што Грција претходните години направи многу гестови на добра волја спрема Поранешната југословенска Република Македонија и јасно е дека чекаме на чекор од другата страна за да се најде еден компромис за името што ќе биде прифатлив и за Грција.
Грција ги смени позициите што ги имаше во 90-тите години, со кои не се прифаќаше никакво спомнување на зборот „Македонија“. Ги има напуштено тие позиции што, всушност, не водеа никаде и подготвена е за компромис, но чека на одговор од другата страна. Дали Владата во Скопје, која има нов мандат, ќе биде подготвена да направи компромис? Сакам да верувам дека ќе биде. Сметам дека не треба да игра на картата дека грчката страна ќе попушти поради економската криза, напротив, Грција тешко ќе се помести од цврстите позиции. Владата во Скопје треба да покаже храброст и да продолжи кон некаков компромис и договор што ќе биде прифатлив и за грчката страна.
Сметате ли дека Јоргос Папандреу ќе побара мислење или консензус од другите партии доколку се постигне договор за името?
Папандреу сигурно ќе побара нешто такво, мислам дека поради ситуацијата во која се наоѓа партијата на власт сега не е способна да продолжи кон прифаќање компромисен договор без согласност од опозицијата. Мислам дека десничарите од ЛАОС може и да не дадат зелено светло, партиите од левицата, како што е СИРИЗА, ќе поддржат компромис, но главното прашање е што ќе каже Нова демократија. За тие да дадат согласност ќе треба да се постигне договор што ќе и оди во корист на Грција, бидејќи нивниот лидер е човек што ја има изградено својата кариера и политички профил околу спорот со името.
Реално гледано, многу е тешко во моментната ситуација со економската криза владата сама да носи големи одлуки за која било тема. Тешко е дека ќе преживее сама со овие економски мерки. Мислам дека би било многу тешко да се прифати компромис дури и ако Владата во Скопје се согласи на грчките барања.
Зошто Адонис Самарас, според Вас, се уште молчи за националните прашања?
Не би можел да кажам со сигурност. Едно толкување е затоа што во моментов никој не е засегнат за тие прашања, речиси и се замрзнати поради економската криза. Поради тоа и од него се очекува да говори за економски теми. Од друга страна, можеби, не сака да говори на темата затоа што е познато дека има патриотски профил, нешто што, можеби, им пречи на некои луѓе, дури и на луѓе од неговата партија.
Дали надворешната политика на Грција е жртва на економската криза?
Теоретски не, практично да. Меѓутоа, Грција во претходните години успеа да направи напредок и да постави умерени позиции, во голема мера се слични со европските, така што не се загрозени нејзините позиции за спорот со името или во врска со спорот со Турција. Единствена голема тема беше влезот на вашата земја во НАТО. Меѓутоа, Грција го издржа целиот притисок за тоа прашање и оттогаш чека на позитивен развој на настаните преку потег од другата страна. Други прашања, како што е Косово, не претставуваат проблем за Грција бидејќи не е сама во ставот за непризнавање на Косово во ЕУ.
Професор сте и во Солун. Има ли таму промена на климата во однос на спорот со името, особено по доаѓањето на Јанис Бутарис за градоначалник?
Изборот на Бутарис јасно беше основа за промена. Сметам дека северниот дел на Грција, грчката Македонија, ќе биде подготвен да прифати компромис што ќе биде логичен. Компромисното решение не може да биде какво било, особено не некое што ќе се заборави по кусо време и ќе остане само името „Македонија“. Треба да биде име што ќе опстои, нема да и пречи на Грција и ќе ја изразува и славомакедонската страна. Многу од имињата што беа предложени се чини дека ќе бидат заборавени и ќе остане само името Македонија, а тоа им е јасно на сите. Но, за такво нешто ни владата ни народот нема да се согласат.
Генерално, мислам дека се сменети работите во северна Грција, мислам дека нема да има националистичка реакција, сепак, поминаа 90-тите години. Во Скопје се продолжува со некои феномени што и пречат на Грција. Го знаеме проектот „Скопје 2014“, каде што вештачки се создава идентитет преку скулптури и нови градби. Не е непознат феномен, го имаат поминато сите балкански држави, но ова градење на идентитетот се прави на таков начин што предизвикува реакции во Грција, а, порано или подоцна, ќе создаде и внатрешни проблеми во земјата.
На какви внатрешни проблеми алудирате?
Имате славомакедонско мнозинство, но и силна албанска заедница. Логично е кога тие гледаат големи инвестиции во симболите на славомакедонскиот идентитет и тие да добијат желба да го потенцираат својот идентитет. Вакви чекори во мултиетничките општества создаваат проблеми. Препорачливо е влада на мултиетничко општество да не инвестира толку многу во теми поврзани со идентитетот и со културните симболи. Една од првите лекции што ги научив за идентитетот и за Балканот беше од филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“. Овој филм говори повеќе за тоа какви треба да бидат внатрешните врски во државата, како да се одржи помирувањето и како да се избегне одењето во крајност преку симболи на идентитетот отколку кој било во Грција.
Како ја оценувате улогата на албанските партии во новата Влада во Скопје?
Албанската заедница чувствува дека е под внатрешен притисок, прво поради интензивното инвестирање во славомакедонскиот идентитет и симболи, а потоа и поради оддалечувањето на државата од НАТО и од ЕУ. Иако ќе има намалено влијание врз играта на ВМРО-ДПМНЕ со внатрешните прашања, сепак, сметам дека албанската партија во Владата ќе врши значителен притисок за постигнување компромисно решение.
Одреден период Македонија беше лидер во спроведените реформи и во исполнети услови за започнување претпристапни преговори со ЕУ на Балканот. Како сега напредува на европскиот пат?
Вистина е дека ПЈРМ имаше многу успеси во врска со реформите што се неопходни за започнување преговори за прием во ЕУ. Би потенцирал две работи. Факт е дека во последните години политиката на Скопје, особено онаа на ВМРО-ДПМНЕ, покажува се помала загриженост за тоа што ќе каже ЕУ и како ќе се транспонираат ЕУ-реформите и легислативите. Повеќе внимание им се посветува на прашањата поврзани со идентитетот, националните симболи и на спорот со Грција. Тоа не е добар показател, бидејќи веќе постои голема критика од меѓународните тинк-тенк групи и од Брисел и неофицијално се слуша дека однесувањето по одредени прашања ја оддалечува државата од ЕУ-стандардите. Сепак, и покрај ова не би се двоумел да потврдам дека, веројатно, постои и замор кај политичарите од вашата земја затоа што, колку и да работат и да се трудат секогаш наидуваат на проблемот со името како основна пречка. Го разбирам и го признавам ова.
Од друга страна, кога говориме за европскиот пат на балканските држави, сметам дека кризата се прелева од економска во политичка и ќе ја отежни процедурата за прием на овие држави во ЕУ. Тоа ќе стане повидливо преку реакциите, преиспитувањето од некои држави на ЕУ за ветувањата од Солунската агенда во моментот кога ќе влезе Хрватска.
Како гледате на ЕУ-проблемите во регионот?
Проблемите на ЕУ се многу големи, на светско ниво, а постои и измореност од балканските проблеми што со години се исти и не се решаваат. Тука го имаме проблемот со Косово, во политичките несогласувања во Албанија, проблемите на БиХ, соработката на Србија со Хаг, што резултираше со голем притисок за предавање на Ратко Младиќ. Политичката елита од балканските држави треба да ја слушне пораката од економската криза и да разбере дека мора да го интензивира обидот за воведување и имплементирање на реформите и да ги решат различните проблеми за да го забрзаат пристапниот процес. Постои опасност, ако во ЕУ дополнително се влошат работите, другите држави, освен Хрватска, да останат надвор од ЕУ. Тоа би било многу негативно за регионот.
Дали Србија ја престигна Македонија на патот кон ЕУ?
Најголемиот проблем на Србија беше политички. За некои работи Србија беше многу понапред во однос на другите држави, освен Хрватска, која е различна приказна. Кога тргнаа да се решаваат политичките проблеми, како што е решавањето на проблемот со Младиќ, проблемот со Косово, кој иако тежок, сепак, не е невозможен, тогаш Србија јасно ќе се најде во напредно ниво и политички и во врска со приемот во ЕУ. Друг проблем за Србија е тоа што Белград мора да ја пресече врската со Република Српска, но и тоа ќе се случи за Србија да напредува кон ЕУ. |