24.05.2012, 19:58 По утеха кај папата
Македонска делегација и на молебен на гробот на свети Кирил во Рим
Македонска делегација на чело со премиерот Никола Груевски вчера беше во Ватикан на аудиенција кај папата Бенедикт Шеснаесетти со кого разговарале и размениле мислења за повеќе теми.
„Го информирав Папата за состојбите во Република Македонија, за нашата црковна цел, за ЕУ, за НАТО, за нашите напори за унапредување на економијата, но и за многу други работи кои не' поврзуваат, а пред се' не' поврзуваат две личности, Свети Кирил и Мајка Тереза“, рече Груевски.
Македонскиот премиер го информирал Папата дека покрај тоа што е направена спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје, од неодамна и комплексот клиники се преименувани во чест на нејзиното име, како и тоа дека се планира да се гради нејзин споменик.
На церемонијата, премиерот Груевски и папата Бенедикт Шеснаесетти си разменија подароци, при што Груевски на поглаварот на Римокатоличката црква му подари резба со претстава кога птиците чувари го откриваат божјиот дар - животот, верата и надежта и вербата и повикот на христијаните кон љубовта и кон семоќниот Бог.
Груевски имаше средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне, со кого разговараше за теми од заемен интерес.
Во државната делегација која престојува во Рим по повод манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“ се и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа-Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.
Премиерот Груевски, од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители на сите граѓани на Македонија.
„Ова е голем празник за нас и затоа сме овде во Рим на гробот на Свети Кирил во чест на мисијата што е направена за големото просветителско дело. Ја продолжуваме традицијата што е воспоставена на овој ден и годинава уште еднаш, по 44.пат, имаме можност да присуствуваме на чествувањето и заедно со многу наши граѓани кои живеат во Италија да го одбележиме овој ден“, рече Груевски.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, македонската делегација го посети музејот „Монтемартини“, каде е отворена изложба „Антички теракотни фигури од Македонија“ .
Музејот „"Монтемартини“ е втор оддел од Капитолинските музеи, најголемите и најважни градски музеи, а е сместен во поранешна електрична централа, со постојана поставка која тематски се совпаѓа со изложбата која е подготвена од Музејот на Македонија.
На изложбата, која ќе биде отворена до 30 мај годинава, ќе бидат претставени околу 200 теракотни фигурини од предримскиот и римскиот период откриени на четирите археолошки локалитети „Вардарски Рид“ - Гевгелија, „Исар“- с. Марвинци - Валандово, „Стоби“ - Градско и локалитетите „Дебој“ и „Горна порта“ во Охрид. (С.К.)
Се чествува од 1969 година
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Свети Кириле, заштити не'!
На гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим вчера се одржа молебен, со кој чиноначалствуваа митрополитот на Кичевско-дебарската епархија г. Тимотеј и митрополитот европски г. Пимен, во придружба на повеќе свештенослужители. На чествувањето присуствуваше и државната делегација предводена од Груевски.
Владиката Тимотеј на ве��ното почивалиште на свети Кирил Солунски укажа за значењето на мисијата на сесловенските просветители и посочи на фактот дека многу народи се избориле за воведување на словенскиот јазик во црковното пеење.
„Свети Кириле, заштити не' пред Бога и помогни ни' за сите маки пред кои е исправена македонската црква“, рече митрополитот Тимотеј. |