19.02.2012, 18:58 Кличко го одбрани ВБЦ-престолот
Во борбата за светски боксерски првак во тешка категорија Украинецот Виталиј Кличко подобар за осум гласа од Британецот Дерек Чисора
Виталиј Кличко (40) останува сопственик на шампионскиот појас во ВБЦ- верзијата. Во борбата за светски боксерски првак во тешка категорија тој за осум гласа (118:110, 118:110, 119:111) го победи Британецот Дерек Чисора.
Боксерскиот спектакл во „Олимпијахале“ во Минхен почна со провокативен гест на Чисора. Уште при соочувањето во рингот тој го исплука Кличко со водата што ја имаше во уста. Украинецот и овојпат, како и за време на шлаканицата што ја доби за време на мерењето, остана мирен и покажа дека е далеку подобар натпреварувач од Британецот.
„Да бидам искрен, сакав да го нокаутирам. Сакав да му дадам што заслужува, но не успеав. Животот е долг и интересен. Кој знае, можеби ќе се сретнеме некогаш повторно“, рече Кличко по дуелот.
Колку и да изгледаше дека напаѓа и се заканува во текот на мечот, сепак, Чисора беше далеку од победа. Доби барем двојно повеќе удари, а зададе само неколку опасни во текот на 12 рунди. Но, за една ��абота нема дилема. Дефинитивно беше најдобриот и најтемпераментен противник од сите сите боксери кои им се спротивставија на браќата Кличко во последно време.
„Се обиде со се', но освен што ме поткачи неколку пати, не почувствував ништо повеќе“, коментира Кличко за отпорот на Чисоре.
Како сето тоа што и' претходеше на борбата да не беше доволно за Чисоре, па и по прогласувањето на победникот изговори неколку непримерни зборови кон Виталиј и Владимир кои ги проследија со насмевки на лицата. По борбата Владимир сакаше да му честита на противничкиот табор кога оддеднаш беше запрен од тренерите на Чисоре кои му рекоа дека не е добредојден на таа страна од рингот.
За Виталија Кличко ова е 44. победа во професионалната кариера во која има само два пораза. Чисоре (28), пак, го претрпе третиот пораз во 18 меча по што ќе мора да плати и казна од 50.000 американски долари за шлаканицата што му ја удри на Кличко за време на официјалното мерење на ден пред натпреварот.
Браќата Кличко и натаму се неприкосновени шампиони во тешка категорија според сите светски боксерски верзии. Следниот меч за шампионска титула е за две недели во Диселдорф каде што помладиот брат Владимир ќе го брани појасот во три верзии, ИБФ, ВБО и ВБА, против францускиот предизвикувач Жан-Марк Мормек.
Го почитувам Чисора како боксер, но не и како човек
„Ако сте спортист и ве гледаат милиони луѓе низ светот, тогаш морате да дадете добар пример, а Чисора не го стори тоа. Млади луѓе и деца не' гледаа. Имам почит кон Чисора како борец, но не го почитувам како човек. Не беше коректен“, рече Виталиј Кличко.
Чисора на прес-конференција по борбата објасни зошто му удри шлаканица на Кличко за време на официјалното мерење. Причина се двете претходни борба што беа одложени поради повреда на Владимир.
„Потпишав договор за борба со Владимир, но тој не ми ја овозможи. Поради тоа бев 18 месеци надвор од рингот. Дури и на мајка ми и' реков дека ќе удрам шлаканица што сретнам некој од браќата Кличко. Ја доби Виталиј, но ќе му удрам шлаканица и на Владимир и на Дејвис Хаје ако ги видам“, истакна Чисора, а само неколку моменти подоцна навистина размени удари со Хаје. |