19.02.2012, 18:59 Хиршер на минус 18 од Костелиќ
По саботниот триумф во велеслалом Австриецот Марсел Хиршер беше најдобар и во вчерашниот слалом во Банско што му донесе нови 200 бода на контото. Второто место му припадна на неговиот сонародник Марио Мат, трето време имаше Швеѓанецот Андре Мирер. Во бугарскиот зимски центар Хиршер ја прослави 11. победа во кариерата, осма во оваа сезона.
Покрај тоа што ја презеде лидерската позиција во велеслалом Хиршер му се доближи на само 18 бода на Хрватот Ивица Костелиќ во генералниот пласман во Светскиот куп во алпско скијање и на 35 во пласманот во слалом, дисциплина во која до крајот на сезоната преостануваат уште две трки.
Резултати од машкиот слалом во Банско: Марсел Хиршер (Австрија) 1:52,64 минути; Марио Мат (Австрија) +16 стотинки; Андре Мирер (Шведска) +57 стотинки; Стефано Грос (Италија) +90 стотинки; Фриц Допфер (Германија) +1.30 секунди; итн.
Пласман во слалом: Ивица Костелиќ (Хрватска) 595 бода; Марсел Хиршер (Австрија) 560; Андре Мирер (Шведска) 424; Кристијан Девил (Италија) 370; итн.
Генерален пласман во Светскиот куп во алпско скијање: Ивица Костелиќ (Хрватска) 1.043 бода; Марсел Хиршер (Австрија) 1.025; Беат Фојц (Швајцарија) 973; Аксел Лунд Свиндал (Норвешка) 741; Дидие Куш (Швајцарија) 661; итн. |