28.09.2012, 18:06 Цензура за јавна дебата преку сајтови
Фондацијата "Метамофрозис" не се согласува со делови од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета
Деловите од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои се однесуваат на комуникација преку интернет може да доведат до целосно затворање за можностите за јавна дебата преку веб-страници регистрирани во Македонија и преку поттикнување цензура го кршат член 16 од Уставот, кој гарантира слобода на изразување. Ова е ставот на фондацијата „Метаморфозис“, која ги повика пратениците да го одбијат усвојувањето на законот во оваа форма.
„Донесувањето законски решенија кои буквално може да влијаат на економскиот опстанок на кој било од корисниците на интернет-услуги поради искажано мислење на интернет и со кои буквално се наложува на е-издавачите да развијат механизми за цензура доколку не сакаат да бидат изложени на драконски казни, се во целосна спротивност на основното човеково право на слобода на изразување и Уставот“, се наведува во реакцијата.
Предлог-законот, кој моментално е на прво читање во Собранието, содржи и делови што се однесуваат на работата на „провајдери на интернет-услуги“, при што како такви експлицитно се споменуваат портали. Но, според „Метаморфозис“, самиот судија ќе треба да одлучи дали „провајдер на интернет-услуги“, односно соучесник ќе го смета и блогер кој „дозволил“ на коментар под негов пост некој непознат да остави коментар што е навредлив за трето лице или, пак, да се појави линк кон некој друг блог или веб-страници кој евентуално содржи навреди или клевети за трето лице.
Законот ќе ги обврзе порталите да цензурираат содржини објавени од нивните корисници по барање на „оштетеното лице“, не по судски налог врз основа на докажан и осуден прекршок. На пример, некој владин функционер може да биде навреден од изнесување докази за негова корупција. Ако провајдерот не може да докаже дека сторил се' да му го спаси угледот, тогаш се соочува со иста одговорност за содржините како граѓанинот што ги објавил.
„Со оглед на тоа што се изложуваат на ризик да платат казни до 27.000 евра, многу е веројатно дека провајдерите на интернет-услуги ќе оневозможат објавување какви било содржини генерирани од корисниците или во најдобар случај ќе бришат се' за што ќе добијат барање“, велат од „Метаморфозис“. (Д.Т.)
|