20.10.2011, 15:23 Ја поправивме бизнис климата, што е со политичката
Извештајот „Дуинг бизнис за 2012“ на СБ покажува дека Македонија, според леснотијата за водење бизнис, е трета најподобрена економија во светот оваа година.
Со голема доза на сатисфакција Владата денеска го промовираше најновиот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис за 2012“, кој покажува дека Македонија, според леснотијата за водење бизнис, е трета најподобрена економија во светот оваа година. Од претходното 34 место, таа се искачила на 22 позиција, што значи дека има скок од 12 места на оваа листа. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на вчерашната прес конференција, на која покрај него се најдоа и другите „заслужни“ министри, побара дури и аплауз од присутните, за да се поздрави овој доказ за големиот реформски напредок, според кој земјава е рангирана подобро дури и од 19 земји членки на Европската Унија.
„Во денешниот извештај Светска банка кажува дека Македонија оди напред, дека продолжува со успеси, дека е трет топ реформатор во светот. Со оглед дека не секој ден Македонија е рангирана на трето место и дека нема многу области во кои сме трети, би ве повикал со еден силен аплауз, да ги поздравиме сите оние вредни работници, креативни луѓе, кои се заслужни, како претходно и нашите коша��кари, да се дожвее овој настан. Земјата, според условите за водење бизнис, направи извонреден скок од цели 72 места во однос на 2006 година“, изјави Ставрески, откако претходно директорката на Канцеларијата на СБ во Македонија, Лилија Бурунчук, со големи пофалби за реформските усилби на земјава го презентираше извештајот.
Таа призна дека треба време за да се почувствуваат бенефитите од реформите, но придобивките од нив веќе се гледале во Македонија. „Потребно е време за да се почувствуваат промените од реформите во економијата, меѓутоа во Македонија се гледаат овие промени, преку повисокиот економски раст и зголемено ниво на странски инвестиции. За посилен пораст се потребни посеопфатни реформи, кои се особено битни во време на криза. Земјата има капацитет да спроведува реформи преку политичка желба“, истакна Бурунчук.
Мароко и Молдавија се земјите кои се најподобрени и се пред нашата држава на листата на топ реформатори. По нас, пак, како трети најподобрени, следуваат Сао Томе и Принципе, Летонија, Зеленоргските Острови, Сиера Леоне, Бурунди, Соломонските острви, Репубика Кореја, Ерменија и Колумбија. (Н.Н.Ф.)
|