04.03.2009, 19:48 Концерт на Македонската филхармонија со Љубиша Кировски на виолина
Македонската филхармонија, вечерва во Домот на АРМ во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под диригентство на младиот Иван Репушиќ од Хрватска, кој досега соработувал со сите оркестри во својата земја и со видни музички имиња од Европа. Добитник е на голем број значајни награди.
Солист на виолина на вечерашниот концерт е македонскиот уметник Љубиша Кировски кој ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Дмитриј Шостакович. Кировски е еден од најпознатите виолинисти од помладата генерација кај нас, кој досега, освен во својата земја, концертирал на голем број реномирани европски фестивали. Заедно со пијанистката Маја Шутевска-Кировска, концертира и во формација на дуо, изведувајќи претежно ретко изведени или премиерни сонати за виолина и пијано.
На програмата вечерва е и симфониската поема „Слики од изложбата“ од Модест Петрович Мусоргски. Оваа композиција, една од најпознатите на рускиот автор, ќе биде изведена и в сабота во Домот на АРМ во 12 часот, на Детскиот симфониски концерт кој исто така ќе се одржи под диригентство на Иван Репушиќ. Модератор на програмата ќе биде актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска. „Слики од изложбата“, создадена во 1874 година, е посветена на пријателот на Мусоргски, сликарот Виктор Хартман, кој починал во 39-та година. Својата инспирација авторот ја црпел на една негова изложба на цртежи и скици, па композицијата претставува своевидна прошетка низ изложбата. Мусоргски најпрвин ја создал за соло пијано, а подоцна композиторот Морис Равел ја преработил за оркестар. Симфонискиот концерт за деца Филхармонијата го реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Билетите се по цена од 100 денари и можат да се набават на билетарницата во Домот на АРМ. (Т.И.) |