18.09.2012, 18:22 Писма - Лустрацијата ќе создаде нови страдања
Јордан Спасески
Во Mакедонија се спроведува ликвидација на вистински патриоти со процесот на лустрацијата. Таа се спроведува врз сомнителни закони, спротивни на Уставот на државата, со исклучително партиски притисок и закани и прогласување за предавници на вистинските патриоти кои се ставале во функција да ја бранат државата според поредокот утврден со Уставот на земјата. Доколку се продолжи со ваков досегашен начин на „реализација на лустрацијата“, ќе се создаде нов бран на омраза, страдања и жртви.
Се зборува за кодоши на тајните служби. Прво, зборот кодош во македонскиот говор е воведен во време на турското ропство и така се викале оние кои давале информации на власта; второ, во Македонија не постоеја тајни служби, ниту кодоши. Постоеше Служба за државна безбедност утврдена со Уставот. Таа никогаш не била тајна. Била создадена и функционирала како дел од државниот социјалистички систем.
Посебно сакам да нагласам дека во Македонија лустрацијата треба да се поима и толкува поинаку отколку во другите социјалистички држави. Зошто? Затоа што само македонскиот народ немаше своја држава кога влезе во војна против фашизмот и во војна создаде македонска држава. Комунистичката идеја во тој период беше искористена како единствена можност да се создаде македонска држава, а тоа беше големата идеја на македонскиот народ – да добие слобода и да добие своја држава.
Се поставува едно прашање? Како можат да бидат прогласени за кодоши оние вистински патриоти кои од создавањето на македонската држава помагаа и се жртвуваа да ги откријат агентите на окупаторската – бугарска и италијанска власт. Да ги откријат оние кои ги откриваа припадниците на борците за создавање македонска држава и што се бореа против окупаторите на нашата земја. Стотици илегалци и борци за слобода на Македонија беа мачени и убивани од окупаторот. Кој ги предаваше нив? Како може оние што ги откриваа агентите на странските окупатори да бидат „кодоши“?
Имаше неправди, грешки и што уште не, во тешкиот опстој на македонскиот народ и неговата борба за своја држава. Но, тие грешки, намерни и предизвикани од тогашните многу сложени услови на живеење, треба да се покажат, но само преку добро обмислена правна и политичка процедура.
Сите граѓани на Македонија, сите работници, земјоделци, сточари, занаетчии, полицајци, сите офицери, сите војници, сите просветни работници, сите научни работници и други граѓани на Македонија сакаа и се бореа Република Македонија да напредува и да се развива успешно во иднина. Нивна заслуга е што на 8.9.1991 година ја изгласавме самостојноста на Македонија. Што ќе беше без нив? |