13.01.2013, 16:14 ДИК: Списокот е прочистен, може да се оди на избори
Изборната кампања почнува на 4 март, а завршува на 22 март на полноќ
Избирачкиот список е целосно прочистен, може да се оди на избори. Ова го заклучија членовите на ДИК на седницата која се одржа веднаш откако претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ги распиша локалните избори за 24 март годинава.
Државната изборна комисија го усвои роковникот за извршување на изборните дејства, а тоа значи дека роковите течат од денот на објавувањето во „Службен весник“. ДИК во рок од три дена треба да достави барање до Министерството за информатичко општество за податоци за вработените во државната, во јавната и во администрацијата во општините и Град Скопје, а тој рок завршува до понеделник на полноќ.
Најдоцна до 26 јануари на полноќ ДИК ќе достави барање до опозицијата за членови во избирачките одбори и нивни заменици за што треба да добие одговор до 31 јануари и до 1 февруари да ги формира Избирачките одбори.
Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и месните канцеларии на ДИК ќе биде можен од 26 јануари до 9 февруари, а списокот ќе биде заклучен на 24 февруари на полноќ.
На 26 јануари почнува собирањето потписи за предлагање листи на кандидати за членови на советите на општините и на Град Скопје и трае до 9 февруари. Најдоцна 25 дена пред изборите, на 26 февруари ќе бидат огласени и листите за градоначалници. Изборната кампања почнува на 4 март, а завршува на 22 март на полноќ.
Партиите и независните кандидати треба да отворат посебни трансакциски сметки за изборната кампања. По завршувањето на изборите организаторите на кампањите до 21 април до ДИК, Антикорупциска и Државниот завод за ревизија треба да ги достават вкупните финансиски извештаи.
Вториот изборен круг ќе се одржи на 7 април.
Радиодифузерите и печатените медиуми се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на изборните програми и на кандидатите на учесниците во изборниот процес. Во периодот од утврдување на ценовниците до почнување на изборната кампања, медиумите се должни најмалку двапати, јавно да ги објават ценовниците на своите програми, односно во своите печатени изданија. Печатените медиуми се должни ценовниците да ги достават до Државната изборна комисија и Државниот завод за ревизија во рокот утврден во Изборниот законик, а радиодифузерите и до Советот за радиодифузија, најдоцна до полноќ на 16 јануари 2013 година.
Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна до полноќ на 18 март 2013 година. (П.Р.) |