14.10.2012, 18:01 Македонија очекува француска поддршка за ЕУ
Македонија очекува поддршка и од Франција за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, му посочил министерот за надворешни работи Никола Попоски на францускиот претседател Франсоа Оланд, на средбата на маргините на 14. Самит на франкофонијата, кој се одржува во Киншаса, Демократска Република Конго.
Попоски нагласил дека Европската комисија четврти пат препорача почеток на преговори со Македонија, потврдувајќи ја подготвеноста на земјата за преминување во следната фаза од процесот на интеграција во ЕУ.
Шефот на дипломатијата кој ја предводи македонската делегација на Самитот на франкофонијата, оствари повеќе неформални средби и со негови колеги од земјите-членки на Меѓународната организација на франкофонијата. Попоски имаше неформални средби со премиерите на Луксембург, Либан и на Монако, со заменик-премиерот на Белгија, како и со министрите за надворешни работи на Ерменија, Лаос, Сенегал, Екваторијална Гвинеја, Валонија и Квебек. Акцент на средбите, како што соопштува МНР, бил ставен на глобалните предизвици во контекст на економскиот развој и регионалните интеграции.
Франкофонијата ја сочинуваат 49 земји членки, четири придружни земји и 10 земји со статус на набљудувачи на самитите на оваа организација. Македонија стана полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата на Самитот што се одржа во Букурешт, Романија, во 2006 година. (П.Р.) |