14.10.2012, 18:00 Се засилуваат заканите за враќање на визите
По Германија, која поради екстремно зголемениот број баратели на азил од Македонија и Србија во изминатите два месеци, се закани за враќање на визите, уште четири други членки на шенген-зоната - Белгија, Луксембург, Шведска и Холандија најавуваат идентично барање, јави српската агенција Танјуг, повикувајќи се на извори во Брисел.
Барањето, според агенцијата, треба да се разгледува на Самитот на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите членки на ЕУ, кој ќе се одржи на 25 октомври.
Танјуг пренесува изјава на началникот на српската Управа на граничната полиција, Ненад Бановиќ, кој вели дека шест држави членки на ЕУ ја предупредиле Србија дека ако продолжи трендот на зголемување на бројот на лажни азиланти, ќе посегнат по механизми за укинување на безвизниот режим.
Бановиќ за денеска најавува средба со офицерите за врски во германската амбасада во Белград, од кои ќе побара состанок со колегите од баварската полиција, каде што, наводно, имало најмногу лажни азиланти. „Се надевам дека со другите членки на ЕУ, пред се' со Белгија, Шведска и Луксембург ќе се најде заеднички механизам за намалување на оваа појава. Со тоа ќе се избегне воведување визи за нашите државјани“, рекол Бановиќ.
Германскиот сојузен министер Хан-Петар Фридрих, деновиве, побара проверка на визните слободи за граѓаните на Македонија и на Србија.
„Визната слобода за Србија и за Македонија мора да оди на проверка“, рече Фридрих, политичар на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ). Тој предупреди дека визната слобода не смее да води кон злоупотреба на азилот.
„Подготвеноста на Германија да им помогне на оние на кои тоа навистина им е потребно и кои се прогонети во своите земји со ова е оптоварена“, рече Фридрих. Наспроти ваквите реакции и најави, вицепремиерката Теута Арифи во петокот изјави дека нема никакви најави за преиспитување на укинувањето на визите и дека секоја година во овој период е нагласено ова прашање, мислејќи на анализите кои покажаа дека преку летниот период опаѓа бројот на барателите на азил, а расте потоа. (П.Р.) |