14.10.2012, 17:58 Пет нови досиеја на проверка пред лустраторите
На масата на членовите на Комисијата за лустрација денес ќе се најдат уште пет досиеја за проверка на поранешни и актуелни функционери. Седницата е продолжение на почнатата расправа од пред една недела, која беше прекината по барање на неколкумина членови. Повод за тогашната реакција, како што се дознава, било тоа што на истата седница биле доставени 40-ина страници документи и записници, кои немало време да се проучат, а требало да се одлучува за човечки судбини.
Како што се дознава, документацијата се однесува на четворица поранешни и еден сегашен функционер, но за сега, не се споменуваат конкретни имиња, а не се потврдува ниту дали меѓу нив се наоѓа и еден актуелен академик.
На дневен ред на Комисијата за лустрација повторно ќе се најде и досието на лидерот на „Титовите леви сили“, Слободан Угриновски, за кој како што се тврди, еден член побарал повторување на постапката, заради доставување нови докази.
Во регистарот на Комисијата за верификација на фактите се наоѓаат 29 имиња и презимиња на поранешни и актуелни функционери, кои лустраторите ги прогласија за кодоши. (Г.Д)
|